Loading Video...
Бизнис
1. December 2020 - 16:37

Владата не се откажува од изградбата на пруга кон Бугарија

Повеќе од половина милијарда евра ќе чини пругата кон Бугарија која се гради веќе 30 години. И следната година железничкото поврзување со источниот сосед ќе биде во фокусот на Mинистерството за транспорт, без разлика што секоја година парите од пругата се пренаменуваат за други работи. Според министерот Бочварски оваа сума не е голема затоа што станува збор за исклучително важен проект за двете земји. Дел од бизнисмените пак неколку пати посочија дека проектот е неисплатлив и наместо пруга бараат да се гради брз пат.

-За првите две фази сакаме да распишеме еден тендер и притоа да избереме изведувач. Посакуваме тоа да биде силен изведувач којшто ќе може да се зафати и да ги работи овие работи. Се работи за комплексна пруга. Само за втората и третата делница треба да бидат изградени 91 мост и 32 тунели. Самиот граничен премин се наоѓа во тунелот. Се работи за сериозен проект од околу 600 милиони евра коишто треба да бидат наш приоритет и во наредниот период, пред се, и за развојот на добрососедските односи и за развој на инфраструктурата, наведе Бочварски.

Во моментов пругата до  Бугарија е стопирана затоа што  фирмата изведувач се откажа од проектот. Од првата фаза од Куманово до Бељаковце завршени се речиси половина од работите. Инаку пругата е дел од партиските програми на секоја власт досега. Причината за одолговлекувањето сите ја лоцираат во  проблематичноста на самата траса.

Бочварски најави дека следната година ќе бидат пуштени во употреба првите 20 километри од автопатот Кичево Охрид. Ќе се работи и на изградбата на автопатот Скопје-Блаце а Интензивно ќе се градат и експресните патишта од Штип до Радовиш, Градско-Прилеп и од Ранковце до Крива Паланка.