Македонија
15. November 2019 - 17:53

Владата најавува решение за 700 лица фантоми

Седумстотини лица-фантоми ќе се стекнат со право да користат социјални услуги. Со новиот закон, што треба да влезе во собраниска процедура, лицата кои не се евидентирани во матичната книга на родени, ќе добијат привремени докумети за лична идентификација. Со тоа ќе се стекнат со права од областа на социјална и здравствена заштита, образование, но ќе може и да се вработат, што ќе придонесе овие лица да имаат подобар живот.

“Бројката е некаде околу 700 лица, од кои за жал, најмногу се деца. Очекуваме навистина, значи, час поскоро да ги добијат овие социјални бенефиции и час поскоро трајно да се реши овој горлив проблем, еден од најгорливите во нашата заедница”, вели Љатифе Шиковска од Невладината организација Амбрела.

Невладините очекуваат дека веќе по Нова година ќе се решат првите случаи, а целта е овие лица-фантоми на крајот да добијат и државјанство. Долг период институциите и граѓанските организации имаа различни бројки за оваа катергорија граѓани. Поради тоа во периодот од април до ноември лани се вршел теренски попис.

“Во тој период создадовме тимови од матичари, социјални работници и претставници на граѓански сектор и теренски заедно ги попишаа. Бројката до која што стигнаа во тој период е 700. Сега во регистарот имаме 700 лица кои што со овој закон ќе ги решиме. Но, во момент кога ќе се идентификува дека има луѓе кои не се евидентирани во Управата за матична евиденција и е потребно тоа да го направат, ќе го отвориме повторно овој регистар, ќе се евидентираат и повторно ќе ги остварат правата. Ова е динамички процес, сè додека не го затвориме прашањето за овие лица засекогаш во нашата држава”, вели Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.

Со оглед на тоа што ова е времено решение, министерката Царовска очекува понатаму системот да изнајде начин како лицата-фантоми трајно ќе го решат својот статус на живеење во нашата држава. Според експертите, Македонија е можеби единствената земја која правно не го уредила начинот на решавање на овој проблем.

Лицата-фантоми ги гледаме секојдневно, но тоа се лица без идентитет, кои не се евидентирани во матичните книги, немаат документи за лична идентификација, а немаат ниту граѓански статус, кој се определува со впишување на името, презимето и матичниот број при издавање на извод на родените.