Свет
26. March 2018 - 11:18

Владата на Малезија предлага 10 години затвор за ширење лажни вести

- Премиерот на Малезија Наџиб Разак денеска во Парламентот поднесе предлог-закон со кој објавувањето „лажни вести“ се смета за незаконско.

Во предлог-законот се предвидува казна и до 10 години затвор за ширење неточни информации, што предизвика стравување дека ќе биде нарушена медиумската слобода во земјата.

Борците за човекови права стравуваат дека целта на законската иницијатива е да се криминализираат новинарските написи за евентуални прекршоци на функционерите.

Со нацрт-законот како лажни вести се оквалификуваат сите „вести, информации, податоци и соопштенија кои се целосно или делумно неточни, независно дали станува збор за новинарски написи, видео-материјали или аудио-записи“. Таквите дела ќе се казнуваат со 10 години затвор, 129.000 долари или и двете казни.

Според владини претставници, опозицијата ги користи „лажните вести“ како оружје за добивање гласови. 

И други јужноазиски држави, меѓу кои и Филипини и Сингапур, исто така предложија предлог-закони за борба против „лажните вести“.