Балкан
28. February 2020 - 11:34

Владата на Јанша сака да го врати воениот рок во Словенија

Еден од приоритетите на новата Влада предводенена од Јанез Јанша е повторното враќање на задолжителното служење на воениот рок во Словенија, јави дописникот на МИА до Љубљана.

Матеј Тонин, кој според најавите ќе биде новиот министер за одбрана, изјави дека враќањето на рокот е еден од приоритетите и е веќе запишан во коалицискиот договор.

– Во правата фаза ќе се обидеме да привлечеме што повеќе луѓе доброволно да се пријават за служење војска. Доколку малку се пријават, тогаш втората фаза предвидува воведување на задолжително служење воен рок, изјави Тонин.

Инаку партијата СДС (Словенечка демократска партија) на Јанша, пред еден месец најави дека до Собранието ќе поднесе предлог закон за враќање на воениот рок.

Тогаш, пратеникот на Жан Махниќ, изјави дека ќе предложат воениот рок да биде обврска за секој маж кој ќе наполни 18 години. За оние пак кои по средно образование ќе решат да се запишат на факултет, воениот рок ќе почне по завршувањето на студиите и ќе трае исто така една година, односно од септември до септември.

Според СДС, причина за потребата од задолжителен воен рок е да се зголеми и обучи воената резерва на државата.