Македонија
13. May 2019 - 16:16

Владата ќе пресече дали невакцинираните деца можат да се запишуваат во училиште

Владата на седница треба да пресече, ќе одат ли невакцинираните деца во училиште? За ова прашање видендот разговарале министрите за образование и здравство, но сеуште нема конкретно решение бидејки и основното и заштитата од заразни болести се задолжителни, а во меѓувреме во земјава има епидемија на морбили. Адеми нема информација дали некое дете е одбиено за упис поради неуреден вакцинален картон, но во МОН имале реакции од родители кои не ги вакцинирале идните првачиња.

Филипче во саботата рече дека не отстапува од ставот, без примени вакцини децата да не се примаат во училиште, а денеска неговиот колега од образование изјави дека разговарале за повеќе опции.

- Една од опциите кои се разгледуваат е да се запишат учениците, во меѓувреме да се вакцинираат, или во септември, почеток на септември, да има теренска вакцинација за сите ученици кои не се вакцинирани, посочи Арбер Адеми, министер за образование и наука.

Но, од друга страна неодамнешната втора теренска вакцинација имаше слаб одзив. Во 84 скопски училишта МРП примиле само 161 дете, а во главниот град остануваат незаштитени од морбили уште околу 2050 ученици. Според епидемиолозите поалармантна е состојбата во внатрешноста каде има 12.400 незаштитени деца на претшколска возраст.

Во меѓувреме секој ден се регистрираат по десетина новозаразени со мали сипаници. Младата девојка сеуште е критична и на апарати за дишење на Инфективна, а во тешка состојба на Клиниката се и 4 деца и двајца возрасни.