Македонија
12. September 2017 - 11:37

Владата ќе ја одржи 27. седница

Владата на Република Македонија денеска ќе одржи седница на која, меѓудругото, ќе разгледува повеќе годишни извештаи за работењето на јавни претпријатија и државни установи, меѓу кои и извештајот за работењето и годишната сметка на Јавното претпријатие за државни патишта за 2016 година, со Извештај на независниот ревизор.

На дневен ред на седницата, како што соопшти владината служба з информирање, ќе се најде и Предлог–одлуката за одобрување на ревидираната Годишна сметка, финансиските извештаи и Годишниот извештај за работењето на АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост - Скопје за период 1 јануари 2016 година до 31 декември 2016 година, како и Информацијата во врска со Предлог-одлуката за распределба на добивката на Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор во државна сопственост - Скопје за 2016 година.

Владата на оваа 27 седница ќе разгледа повеќе предлог одлуки за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 и за висината на закупнината, заведени кај повеќе закуподавачи.

Министрите на денешната владина седница ќе ја разгледаат Предлог-уредбата за утврдување на оперативните постапки за меѓусебна комуникација, координација и постапување на субјектите во системот за управување со кризи, и годишниот извештај за работата на јавните обвинителства на Република Македонија во 2016 година.

Владата ќе ја разгледа и Информацијата за спроведување анализа на дискреционите овластувања на носителите на јавни функции, како и информацијата за потребата од изработка на Среднорочна стратегија за општествена одговорност на Република Македонија.

Министерството за транспорт и врски на седницата на Владата ќе ја понуди на разгледување Информацијата за статусот и за потребата од обезбедување на дополнителни финансиски средства за проектот за изградба и реконструкција на железничка делница Битола - Кременица, како дел од кракот 10д на Kоридорот 10, со крак кон Индустриска зона Жабени, и Информацијата за реализација на акцискиот план за изработка на проектна документација и имплементација на Проектот интелигентен транспортен систем на патиштата заклучно со 8 јуни 2017 година.

Од канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија на министрите на увид и на усвојување ќе им биде ставена Информацијата за склучување на договор за соработка со Програмата за зголемување на пазарната вработливост, спроведувана од страна на Свисконтакт и Владата на Република Македонија, во врска со соработка на проектот „Ангажман на сениор експерти за развој на мали и средни претпријатија во Македонија“, со Предлог-Договор за соработка.

Информација во врска со потребата од отворање нов граничен премин помеѓу Република Македонија и Република Србија, помеѓу населените места село Лојане и село Миратовце, ќе достави Министерството за внатрешни работи, како и Информацијата за моделот и законската рамка за воспоставување на надворешен механизам за контрола на работата на вработените во Министерството за внатрешни работи со полициски овластувања и затворската полиција.

Владата ќе ја разгледа и Информацијата со анализа за причините и можните причинители на високо ниво на загадување на воздухот во Република Македонија во летниот период, како и точки од кои членовите на Владата ќе ги добијат најновите информации за користење и имплементација на фондовите од ЕУ, и за Состојби и напредок во процесот на европска интеграција, и за реализацијата на приоритетите на РМ за влез во НАТО.