Македонија
11. August 2022 - 16:37

Владата ја замрзна маржата за огревно дрво и пелети - Трговците не гледаат решение за проблемот

Владата одлучи да ја замрзне маржата за продажба на огревно дрво и пелети. По предлог на Министерството за економија највисоката трговска маржа за овие производи ќе изнесува 10 проценти. На овој начин владата се обидува да ги заштити граѓаните од дополнителен ценовен удар во услови на криза кога и без тоа куповната моќ е намалена поради зголемената инфлација.

- Висината на трговска маржа најмногу до 10 проценти за наведените стоки ќе важи за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот синџир во трговијата на мало, а транспортот за испорака на стоките до крајните потрошувачи не се пресметува во висината на трговската маржа

Трговците со пелети сметаат дека на овој начин нема да се реши проблемот напротив може да се продлабочи кризата. Првичната оценка е дека одредувањето на маржата на 10 проценти не е прифатлива за нив, но со конечен став како здружение ќе излезат утре. Со ова ограничување тие не можат да ги покријат основните трошоци  и наместо да се стабилизира пазарот дел од нив ќе бидат принудени и да затворат.

Во пресрет на грејната сезона во Македонија има околу 5700 тони пелети на лагер а тоа според увозниците е само 5 проценти од целокупната просечна потрошувачка. Единствена држава од каде увезуваат е Турција бидејќи другите земји забранија извоз или пак не располагаат со доволно количини за да извезуваат.

Според одлуката на Владата ограничувањето на маржата ќе биде на сила до 31 декември.