Македонија
23. August 2018 - 16:22

Владата ја покачи платата во здравството за 5% - опозицијата критикува за неисполнети утопијски ветувања

Околу 19.000 здравствени работници во болниците и клиниките од септемри ќе добијат за 5 проценти поголема плата, најави министерот Венко Филипче. Владата донела одлука основицата за пресметка на платата да се зголеми од 12.654 на 13.286 денари.

- Со оваа мерка што Владата ја вети и веќе ја реализира, уште еднаш покажува иницијатива за задржување на здравствените работници во земјава, рече Венко Филипче, министер за здравство.

За синдикатот на Клинички е неприфатливо покачување на основната плата во здравството од 5%. Според нив со ова зголемување лекар специјалист на клиники би земал околу 1940 денари повеќе, а медицинска сестра плус 900 денари.

- За да се оствари програмата на Владата 2017-2020 година за “двојно зголемување на основните плати на сите здравствени работници и платите на докторите специјалисти во терциерното здравство кои скалесто ќе се зголемуваат и ќе изнесуваат минимум 100.000 денари, односно 1.600 евра до 2020 година“ во наредните две години основната плата на доктор специјалист од терциерно здравство би требало да се покачи за 146%, а на медицинска сестра со средна стручна спрема 91%, стои во реакцијата на синдикатот на Клинички центри.

Според ВМРО ДПМНЕ Владата предводена од СДСМ ги лаже здравствените работници.

- Денес се потврди утопијата дека откако ќе дојдат на власт, во првите шест месеци ќе ја покачат основната плата на сите здравствени работници за 15 проценти. Измина повеќе од една година и половина откако владата предводена од СДСМ е на власт, а ова ветување се сведе на минорни 5%. Едноставно кажано повторно ИЗЛАЖАА, изјави Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку со покачувањето на платите за 5 проценти не се опфатени лекарите од примарното здравство. Матичните доктори сметаат дека се деградирани и најавија реакција за наредните денови.