Македонија
28. February 2020 - 19:39

Владата издаде препораки, забрана за јавни собирања во следните седум дена

Корона вирусот ги откажа карневалите во Струмица и Прилеп кои беа закажани викендот. Ракометните фанови утре нема да го гледаат во живо натпреварот Вардар – Монпелје во Скопје. Салата Јане Сандански ќе биде без публика, а истото ќе важи и за останатите спортски настани закажани во наредните седум дена . Ова се само дел од заклучоците на денешната вонредна владина седница, која наместо со забрана, излезе со препораки за откажување на сите поголеми јавни собири до 6 март. Владините препораки важат и за културно уметнички и забавни манифестации, а сите кои планираат такви активности да ја консултираат Комисијата за заразни болести.

- Во затворен простор ризикот од пренесување на инфекцијата е поголем, меѓутоа истото важи и за отворен простор ако дистанцата меѓу луѓето е мала, а тоа е безбедна дистанца од 1-1,5 метар, што на карневал е невозможно да се почитува. Сметам дека треба да се откажат сите големи јавни собири, вклучително и спортските натпревари, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Освен за јавните собири, Владата денеска ги задолжи Пазарната инспекција и Агенцијата за лекови да направат контроли низ аптеките и доколку има комерцијална злоупотреба со драстично повисоки цени на заштитна опрема да преземат соодветни санкции. За поголема контрола на граничните премини надлежните ќе бараат соработка и со Црвениот Крст. Бараат нивни волонтери да асистираат со граничните полицајци во анкетите на лицата кои влегуваат во земјата.

За разлика од кај нас, денеска Швајцарија ги забрани сите јавни и приватни собири во земјата до 15 март, како мерка да го спречи ширењето на корона вирусот.