Македонија
20. October 2018 - 16:04

Владата има рок од 15 дена за да ги достави уставните амандмани, поделени реакции по вчерашното гласање

Нацрт-амандманите на Уставот по синоќешното гласање за потребата за промени во највисокиот правен акт Владата ќе треба да ги достави до Собранието најдоцна до 3 ноември. Според најавите на премиерот Заев, ќе има повеќе нацрт- амандмани и тоа најавените четири суштински кои произлегуваат од Договорот со Преспа, како и дополнителни кои ќе произлезат од  преговорите со пратениците.

Следуваат комисиски расправи во Комсијата за уставни прашања и законодавно правната комисија, како  и општата седница за претрес на нацрт-амандманите. Секој нацрт-амандман се разгледува одделно и во матичните тела и на собраниска седница. Расправата за текстот на секој нацрт-амандман трае најмногу три работни дена. Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, го утврдува нацртот на секој амандман на Уставот одделно.

Следува јавна дискусија која треба да ја организира Владата и која завршува со Извештај. Потоа се изработуваат и конечните предлог- амандмани што се доставуваат до пратениците, но и до шефот на државата. Ова е фазата кога можат да се поднесуваат и дополнителни амандмани од пратенците и тоа најдоцна 8 дена пред одржувањето на седницата.

Во комисиите и на седница се водат нови претреси од три дена за секој амаднман одделно. Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници го утврдува предлогот на секој амандман одделно.

Амандманите пак, се гласаат со 2/3 мнозинство од вкупниот број на пратенции и тоа се гласа за секој амандман одделно. За некои амандмани, особено оној за Преамбулата ќе биде потребно и бадентерово мнозинство. На крај се носи и одлука за прогласување на амандманите повторно со 2/3 мнозинство. Целата процедсура би завршиле во втората половина на јануари.

Собранието вчера со 80 гласови „за“ и „39“ пторив ја донесе Одлуката за пристапување кон измена на Уставот. Премиерот  Заев по гласањето изјави дека се работи за одлука на херои кои заедно пишуваат историја и иднина.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак, вчерашниот ден го прогласи за црн петок и најтажен ден во поновата македонска историја.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети бара опозицијата во наредните фази да застане на како што вели исправната страна.

„Нашиот пат кон НАТО и ЕУ е едносмерен, враќање назад нема! Тие 80 - те пратеници што гласаа за, но и тие кои што се воздржаа од гласање, знаат многу добро дека само овој пат ни носи стабилен мир, добри меѓуетнички и добрососедски односи, системски реформи, правна држава  и владеење на правото, еднаквост и заокружување на Охридскиот Договор, економски развој, повеќе работни места , странски и домашни инвестиции и општествена благосостојба. Одмор нема. Уште од денес продолжуваме со работа за да го заокружиме овој процес“, смета Ахмети.

Одлуката во парламентот ја поздрави и потписникот на Спогодбата со Грција, шефот на македонската дипломатија Димитров.

„Далеку сме од тоа каде сакаме да бидеме. Ама го знаеме патот. Секој чекор е и ќе биде голем предизвик. За сите нас. Но Македонија реши да застане на нозе, да исправи глава и да тргне напред. На крајот, ЌЕ НЕ БИДЕ! И кога ќе погледнеме назад, ќе се гордееме, објави Димитров на Твитер.