Македонија
7. August 2017 - 20:05

Владата и граѓаните заеднички за поскора ЕУ и НАТО интеграција

Владата и граѓаните заеднички работат за поскора ЕУ и НАТО интеграција, е заклучокот од денешната средба на премиерот Зоран Заев со претставниците на граѓанската организација Евротинк - Центар за европски стратегии Љупчо Петковски и Андреја Стојковски, која 15 години работи на промоција и остварување на членството на Македонија во ЕУ.

- Постојат многу можности за подобра соработка меѓу Владата и граѓанското општество кои ќе го зголемат капацитетот на институциите за искористување на ЕУ фондовите, како и знаењата и податоците до кои доаѓаат граѓанските организации при нивните истражувања, а се крајно корисни за државата. Владата останува отворена за сугестии, конкретни предлози и секојдневна соработка при остварување на врвниот приоритет - подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и целосна интеграција во ЕУ и НАТО, соопшти владината прес-служба.

На средбата премиерот Заев ги запозна претставниците на Евротинк со чекорите на владата при спроведувањето на Планот 3-6-9 и ја нагласи целосната посветеност кон реформите неопходни за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ.

- Со сите сознанија за објективните пречки и наметнатиот проблем кој го има нашиот јужен сосед со нашето уставно име, премиерот Заев изрази мислење дека ние треба да пронајдеме внатрешна сила за промени и реформи за да имаме аргументи пред нашите соседи и партнери во ЕУ и НАТО за откочување на процесите, стои во соопштението од Владата.

Од Евротинк го запознаа премиерот Заев со истражувањата, анализите и можностите за соработка кои оваа организација ги нуди на Владата во областа на европските интеграции и искористувањето на ЕУ фондовите.