Бизнис
11. November 2020 - 11:15

Владата го утврди Предлог буџетот за 2021, за 400 компании 17,2 милиони евра за инвестиции

Владата  синоќа во рамки на 19-тата седница го утврди Предлог-буџетот на Република Македонија за 2021 година, како и Предлог-законот за извршување на Буџетот за 2021 година, кои ќе бидат доставени во Собранието, соопшти владината прес-служба.

Детали за предложениот буџет за наредната година ќе соопштат премиерот Зоран Заев и министерот за финансиии Фатмир Бесими на прес-конференција во Владата во 14 часот.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на мерката за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во текот и во пост КОВИД-19 периодот и го разгледа и го усвои Извештајот на Kомисијата за оцена на пријавите на деловните субјекти, задолжувајќи го Министерството за економија да склучи договори со одобрените компании согласно Извештајот.

-Вкупно, 17, 2 милиони евра, средства кои се дел од третиот пакет мерки, наменети за опоравување на домашната економија за време на здравствено-економската криза ќе ги добијат 400 компании, со цел амортизирање на ударот врз домашните погодени бизниси преку стимулирање на приватната потрошувачка со фокус на домашната понуда, директна финансиска поддршка и поддршка за ликвидноста на приватниот сектор и работните места, соопшти владината прес-служба.

Висината на финансиската поддршка е 25  проценти од реализираната инвестиција според инвестицискиот план, но не повеќе од:  40.000 евра во денарска противвредност, за деловни субјекти кои оствариле вкупен приход во 2019 година, не повисок од 1.000.000 евра во денарска противвредност;
100.000 евра во денарска противвредност за деловни субјекти кои оствариле вкупен приход во 2019 година, од 1.000.001 евра до 10.000.000. евра во денарска противвредност; 140.000 евра во денарска противвредност за деловни субјекти кои оствариле вкупен приход во 2019 година од 10.000.001 евра до 50.000.000 евра во денарска противвредност; 200.000 евра во денарска противвредност за деловни субјекти кои оствариле вкупен приход во 2019 година, од 10.000.001 евра, повеќе од 50.000.000 евра во денарска противвредност.