Македонија
5. March 2019 - 16:08

Владата го усвои законот за СЈО, Заев се надева на консензус, опозицијата бара лидерска

Владата го усвои новото законско решение за СЈО, на ред е Собранието. Премиерот Заев очекува да се обединат и пратениците, а во следниот период најавува преговори со сите помали и поголеми опозициски партии.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ засега нема конкретен став дали ќе го подддржи новиот законот за обвинителството на Јанева, бидејќи се уште ја немаат видено содржината. Опозициската партија бара лидерска средба за решавање на сите отворени прашања, вклучувајќи ја и иднината на СЈО.

Поддршка за новото законско решение најавуваат и пратениците на СДСМ и ДУИ. Од БЕСА велат дека се разочарани од селектиното работење на специјалното обвинителство, но орган кој ќе гони висока корупција мора да има.

Новиот закон предвидува трајно решение за статусот на СЈО како посебно одделение во редовното обвинителство. Специјалните обвинители ќе бидат надлежни и за истрагите отворени по истекување на рокот од 30 јуни 2017та, но и за кривични дејствија против изборите, перење пари, проневери, измами, примање поткуп и награди за противзаконско влијание, противправно стекнување имот, измама при работењето со хартии од вредност.

Прислушуваните телефонски разговори СЈО ќе може да ги користи како доказ до 15 септември следната година, а сите останати бомби ќе бидат уништени една година по завршување на судските предмети. Бомбите нема да се користат како доказ во истрагите кои СЈО ги отвори по законскиот рок, како што се Империја и Талир против високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, но и за истрагите Попис и Пациент во кои се опфатени Али Ахмети и Бујар Османи.