Македонија
20. October 2017 - 16:55

Владата го препрати до Советот списокот со кандидатите за јавен обвинител

Советот на јавни обвинители ќе ги добие апликациите на 23-та кандидати за местото Државен јавен обвинител. Од Владата велат дека пристигнати се кандидатурите од Собранието и во текот на денешниот ден ќе бидат доставени до советот.

Со ова почнува да тече законскиот рок од две недели во кој членовите на советот на јавни обвинители треба да ги разгледаат документите на кандидатите.

Во предвидениот рок од 15 дена, советот треба да се изјасни кои кандидати добиваат позитивно мислење кое пак има обрзувачко значење за Владата.

Таа од редот на оние што добиле зелено светло од советот на јавни обвинители ќе треба да избере кандидат за функцијата Државен јавен обвинител.

Владата на Република Македонија до Собранието доставува предлог за именување на јавен обвинител од пријавените кандидати за кои Советот дал позитивно мислење. За кандидатот што ќе го предложи Владата за јавен обвинител, кон предлогот се доставува и мислењето од Советот, прецизира членот 41 од законот за јавни обвинители.

За неговиот избор во собранието е потребно двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници. Мандатот на Државниот јавен обвинител трае шест години со право на повторно именување.

Во трката за прв човек на обвинителството се истакнати адвокати, судии но и актуелни обвинители.

Инаку претседателот на советот на Јавни обвинители, Коле Штерјев во телефонски разговор за Сител изјави дека сеуште не се пристигнати документите на потенцијалните кандидати за местото Државен јавен обвинител.