Македонија
15. September 2017 - 18:44

Владата го поздрави извештајот на Прибе

Владата смета дека извештајот на Рајнхард Прибе за системски прашања од областа на владеењето на правото објавен денеска дава реална слика за системските и долгогодишни предизвици кои ги наследила по преземањето на власта во јуни 2017 година, затекнувајќи „заробена држава“.

Во денешното соопштение Владата ја поздрави работата на експертската група на Рајнхард Прибе за системски прашања од областа на владеењето на правото и на овој втор Извештај гледа како на продолжение на извештајот на Прибе во 2015 година.

Во соопштението се напоменува дека денешниот извештај кој се однесува на периодот јуни 2015 - јуни 2017 бил изготвен во целосна соработка на сите државни институции со експертската група предводена од Прибе.

- Го поздравуваме заклучокот на групата наведен во извештајот за позитивната промена во политичкиот контекст и согледаната поголема посветеност од страна на институциите за проактивно решавање на политичките предизвици и преземање одговорност, се вели во соопштението.

Владата се согласува со констатацијата дека во периодот 2015-2017 година многу малку работи се подобрени во областите од извештајот и дека тоа значи многу изгубено време за Македонија.

- Токму во првите 100 дена од работењето, новата Влада успеа да ги согледа овие проблеми и загрижена за досегашното загубено време и шанси изработи реформски План 3-6-9, кој веќе опфаќа дел од проблемите утврдени во новиот извештај на експертската група на Прибе и отвара пат за нивно решавање, се вели во владиното соопштение.

Извештајот на Прибе ќе го искористи како насока за надградување и подобрување на Планот 3-6-9, како и за определување на приоритетните мерки за наредниот период.

Плановите на Владата ќе се прават врз основа на соодветни анализи и во отворен и инклузивен процес со Собранието, опозицијата и граѓанското општество.

- Реформскиот план на Владата ги покрива истите теми како и извештајот на Прибе 2017 бидејќи првично Планот 3-6-9 беше изработуван согласно забелешките од првиот извештај на Прибе од 2015 година, се додава во соопштението.

Четирите клучни области на денешниот извештај се судството, спроведување на законот и гонење на кривични дела (полиција и јавно обвинителство), независни тела (регулаторни, контролни и надзорни) и медиуми и граѓанско општество.

- Владата има сериозен пристап кон суштинските промени кои треба да се направат не само во плановите и стратегиските документи туку и на дело во практиката без повторување на грешките од минатото се додава во соопштението. 

- Целта на Владата е да ги решава проблемите на суштински начин, а Европската комисија со верификување на напредокот да овозможи обновување на безусловна препорака за почеток на преговорите со ЕУ и скорешно отварање на преговарачкиот процес за членство на Македонија во ЕУ, се нагласува во владиното соопштение.