Македонија
1. July 2022 - 19:59

Владата го објави последниот модифициран француски предлог

Владата го објави сетот од документи што се однесуваат на отварање преговори на Македонија со Европската унија, согласно францускиот предлог за надминување на блокадата Софија. Премиерот Ковачевски вели дека од нив се согледува дека нашите услови се прифатени.

Согласно документите останува да има две меѓувладини конференции за почеток на преговорите. Првата ќе биде политичка каде ќе поздрави отворањето на преговорите, додека пак, вистинскиот почеток на преговорите ќе почне по втората меѓувладина конференција со измени на Уставот и вметнување на Бугарите во него. На оваа конференција ќе биде презентирана и преговарачката рамка.

„Со цел да се заврши оваа фаза на отворање на пристапните преговори, одлучува и Советот да свика уште една меѓувладина конференција со цел да се презентира Преговарачка рамка и состојба на подготвителните работи од страна на Комисијата и е подготвен да го одржи без понатамошни одложувања ниту дополнителни политички одлуки, штом Северна Македонија ќе ја спроведе својата заложба да ги заврши гореспоменатите уставни измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури“, стои во заклучоците на Советот.

Во рамката пак, стои дека јазикот ќе биде македонски, но стојат и нотите на двете страни.

„Во однос на преводот на акито на македонски, ЕУ ќе ги забележи унилатерланите изјави за македонскиот јазик на Бугарија и Северна Македонија“, пишува во рамката.

Во рамката изречно не се наведени протколите за спроведување на Договорот за добрососедство, каде што се историските прашања, што беше еден од условите на македонската страна. Наместо тоа, споменат е членот 12 од Договорот со Бугарија во кој тие се предвидуваат.

 Треба да се исполнат обврските од Преспанскиот договор со Грција, Спогодбата за добрососедство со Бугарија од 2017, како и годишни прегледи и мерки за ефективна примена на членот 12 од Спогодбата, ....“, пишува во документот.

Сепак, протоколите се ставени во Заклучоците на европскиот совет. Таму стои дека Советот го поздравува договорениот протокол од вториот состанок на заедничката меѓувладина конференција согласно членот 12 од Спогодбата и дека овој чекор ќе ја подобри добрососедската клима што е клучно за проширувањето.

Во новата преговарачката рамка повеќе не стои можноста државите –членки да прават свој екепертски мониторинг за проширувањето, но стои дека Европската комисија ќе посвети внимание на тоа како Македонија ги исполнува обврските од делот за добрососедство.

Во документот стои и делот дека Македонија треба да усвои Акциски план за заштита на правата на малцинставата или заедниците вклучително и во делот на недискирминација, говорот на омраза, образование...Имплементацијата на овој патоказ ќе биде мониторирана и за тоа ќе се известува на секоја меѓувладина кнференција.