Македонија
3. November 2018 - 8:43

Владата ги усвои нацрт-амандманите, на потег Собранието

 Владата ги усвои нацрт-амандманите на Уставот на Република Македонија и ги достави до Собранието, а оттаму веќе ја закажаа пленарната седница на 1 декември, додека седницата на собраниската Комисија за уставни прашања ќе ја започне својата работа на 7 ноември.

Од Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија вчера за МИА соопштија дека по проверката, нацрт текстот на амандманите ќе биде испратен до сите пратеници.

Два од нацрт-амандманите се однесуваат на замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот, освен во членот 36 каде има историски аспект, а во Преамбулата на Уставот се заменуваат одлуките на АСНОМ со Прогласот од Првото заседание на АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор да биде конститутивен елемент на државата. Во третиот амандман се додава само еден став, а тоа е  Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави, додека во четвртиот амандман, покрај потврдување на македонскиот идентитет, стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.

Премиерот Зоран Заев, кој вчера на прес-конференција ги обелодени нацрт-амадманите, се надева дека сите пратеници ќе се одважат и ќе ја понесат одговорноста која што им е дадена од граѓаните.

– Верувам дека на крајот сите ќе се одважиме и ќе ја понесеме одговорноста која што ни е дадена од граѓаните да носиме одлуки во нивно име и да ги ставиме во позиции на подобар и квалитетен живот којшто сакаат да го имаат дома. Собранието на Република Македонија е иснтитуција, а пратениците се народни избраници кои ќе ја донесат одлуката слободно, следејќи го интересот на граѓаните, рече Заев.

Нацрт-амандманите, според Заев, се донесени низ инклузивен процес и во нив се вградени и предлозите од новата Независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, а низ дебата ќе може да се подобри текстот на нацрт-амандманите.

И од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека во нацрт-амандманите се вградени нивните предлози. Координаторката на групата Елизабета Канческа-Милевска вчера изјави дека се прифатени нивниот предлог во однос на гарантирањето на идентитетот, како и барањето за безусловно поништување на сите амандмани доколку Република Грција не го ратификува договорот и повторно ги попречува евроатланските интеграции кои произлегуваат од имплементацијата на Договорот од Преспа.

Во однос на барањето за постепена промена на името Република Северна Македонија за внатрешна употреба, Канческа-Милевска кажа дека во Уставниот закон е добро да биде нацрт-амандманот: „Примената на името и терминологиите за внатрешна употреба ќе бидат согласно Договорот, при што за сите официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и за документите кои можат да се користат и надвор од државата прилагодувањето треба да се изврши во рок од пет години по влегување во сила на уставните амандмани. Документите кои се исклучиво за внатрешна употреба ќе се прилагодат на уставните амандмани при отворањето на секое поглавје во преговорите со ЕУ и ќе биде финализирано во рок од пет години од тогаш“.

Од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ очекуваат инклузивност и апелираат сите пратеници да се вклучат во јавната расправа која мора да се одржи во оваа фаза од уставните измени.

Утврдувањето на нацрт амандманите на Уставот од страна на Собранието е втора фаза од постапката за измена на Уставот. Тие се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас, а третата и последна фаза е нивното усвојување за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници. По усвојувањето на нацрт-амандманите во Собранието, тие одат на јавна расправа чие времетраење го утврдува Парламентот.

Собранискиот Деловник предвидува од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.

Претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но може да биде завршено и побрзо од максималните рокови.