Македонија
10. September 2015 - 14:22

Владата ги усвои измените за Ин витро оплодување за трето и четврто дете

На денешната седница на Владата на Република Македонија поминаа Предлог измените за Законот за здравствено осигурување, со што на брачните двојки ќе им се овозможи бесплатно Ин витро оплодување за трето и четврто дете, соопшти денеска од Штип, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Стефановски.

- Со измените на Законот, како што објави премиерот се предвидува ослободување од партиципација на граѓаните кои што ќе добијат право да остварат Ин витро постапка, со што ги ослободуваме од плаќање на шест илјади денари. Ова ќе важи за сите оние лица кои што ќе се обидат да добијат дете по пат на Ин витро за прво, второ, трето и четврто дете до три обиди. Ова е исклучително позитивен проект, кој што е во насока на помош на оние лица кои што имаат проблем тоа да го направат по природен пат, вели Стефановски.

Тој доадава дека со оваа мерка, брачните двојки веќе ќе го немаат финансискиот товар за добивање новороденче. Трошоците кои ќе ги имаат брачните двојки за целокупната постапка и за партиципација ќе бидат комплетно на товар на ФЗО.

- За Ин витро постапките, Фондот за здравство издвојува значителни средства. Задоволни сме што најголем дел од поднесените барања се одобруваат и се позитивни, дури 93 проценти од поднесените барања кои што биле со пополнета документација се одобрени, позитивно и истите семејства добиле можност да го искористат ваучерот во една од здравствените установи, со кои ние имаме склучено договор, вели Стефановски.

Што се однесува за воведувањето на електронската апликација за поднесување на барање за Ин витро оплодување, Стефановски вели дека оваа мерка која е воведена во месец април дава веќе позитивни резулати, бидејќи 50 проценти од барањата до ФЗО биле доставени преку оваа апликација, а со неа биле надминати и сите грешки кои досега ги правеа осигурениците и матичните гинеколози.