Бизнис
12. September 2017 - 20:34

Владата донесе одлука за финансиска поддршка на „Колска“

Владата на денешнта седница донесе одлука за финансиска поддршка на „Колска“ во Велес со цел надминување на состојбата во Друштвото.

Во соопштението од владината прес-служба се наведува дека целта на финансиската поддршка е воспоставување  редовен тек на работите во фабриката и грижа за работниците.

За оваа цел на седницата е донесена одлука за измена на распоредот на средствата во посебниот дел утврден со Буџетот на Република Македонија за 2017 година, најдоцна до 15 септември.

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои информацијата за тековната состојба и нивото на резервите на нафта и нафтени деривати, и ја задолжи Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати да достави предлог мерки кои ќе треба да се применуваат од 1 јануари 2018 година, кога треба да почне да се применуваат новите законски мерки за користење на нафтените резерви и кои во голема мерка го ограничуваат користењето на резервите, освен во ситуации кога е значително нарушен пазарот со нафта и нафтени производи.

На денешната седница владата ги разгледа и усвои повеќе годишни извештаи за работењето на одреден број јавни претпријатија, како и Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства на Република Македонија во 2016 година на предлог на Јавното обвинителство, при што го зеде предвид мислењето на Министерството за правда,  во кое се наведува дека во извештајот не е содржан критички осврт за постапувањето, односно непостапувањето  на јавните обвинителства по одредени предмети, како на пример, барањето за законитост за притвор за лица во бегство, како и за нестручното постапување во врска со крвавите настани во Собранието на Република Македонија на 27 април.

Владата на Република Македонија денеска ја разгледа и усвои информацијата за спроведување анализа на дискреционите овластувања на носителите на јавни функции, на предлог Државна комисија за спречување на корупцијата, која до владата достави „Методологијата за спроведување на анализа на дискреционите овластувања на носителите на јавни функции“. 

Оваа методологија треба да им биде доставена на сите носителите на јавни функции, и до органите на државна управа. Во рок од 10 дена треба да формираат работни групи  за самопроценка, составена од административни службеници кои работат на нормативни прашања, и за тоа да ја известат Државната комисија за спречување на корупцијата со податоци за координаторот на работната група. Врз основа на оваа евалуација, Државната комисија за спречување на корупцијата до Владата на Република Македонија треба да достави Информација за спроведувањето на активностите за анализа на дискреционите овластувања на носителите на јавни функции, до крајот на декември 2017 година.

Владата го усвои новиот текст на Информацијата за склучување на договор за соработка со Програмата за зголемување на пазарната вработливост, спроведувана од страна на Свисконтакт и Владата на Република Македонија како дел од проектот „Ангажман на сениор експерти за развој на мали и средни претпријатија во Македонија“.

Врз основа на усвоената Декларацијата за слободни и фер избори, со препораки за однесувањето на државните служебиници за време на изборните процеси на сите носители на јавни и државни функции, владата денеска донесе Упатство за начинот на постапување на министерствата, другите органи на државната управа и управните организации за време на изборниот процес, како една од одредниците на Планот 3-6-9 за итни реформи.

Владата денеска ги врати на мислење првите менаџерски договори за кои требаше да одлучува, согласно одлуката донесена на 26-тата седница на владата, според која сите идни менаџерски договори кои се однесуваат на уредување на односите и обврските на директорите на државните и јавните институции, претходно да бидат доставени до Владата на Република Македонија на запознавање, односно на одобрување, пред негово потпишување.

На денешната седница владата го одобри барањето за задолжување од Општина Липково, со препорака претходно да биде добиено позитивно писмено мислење од Државната комисија за спречување на корупцијата.