Македонија
17. August 2022 - 16:47

Владата без одговор кога препораките на комисијата ќе се најдат на владина седница

Владата нема утврдено кога препораките на историската комисија ќе се најдат на владина седница за утврдување. Вицепремиерот Бојан Маричиќ вели дека имале две години за имплементација согласно билатералниот протокол кој го потпишаа со Бугарија. Иако во текстот на протоколот е наведено дека одлуките ќе се спроведуваат на принцип на реципроцитет, Маричиќ не е сигурен како ќе одлучува техничката бугарска влада, па вели дека очекува и Софија да го имплементира договореното во наредниот период. Во МНР веќе биле формирани работни групи за сите теми поврзани со имплементација на протоколот.

Изјава Бојан Маричиќ – вицепремиер за евроинтеграции

„Вредно е ако седум врвни историчари кои сме ги поставиле, се согласиле со тој текст, така што ако тоа отвори заедничко видување, тоа треба да се цени и да се почитува. Им веруваме на луѓето кои работат таму. Се што ќе направиме ние, очекуваме тоа да го направи и Софија“, искоментира Маричиќ.

Со препораките кои ги објави  Историската Комисија предвидено е заеднички да се чествуваат светите браќа Кирил и Методиј, Наум и Климент Охридски и Цар Самоил. Во следниот период и историските учебници ќе претрпат ревизија .

При потпишувањето на протоколот, двете влади им замерија на историчарите од комисијата дека недоволно одржувале состаноци, па сега тие ќе мораат да се состануваат и 10 пати годишно,а во рок од една година треба да започне и заедничкото чествување на сите договорени историски личности. Македонската влада ќе мора и до стартот на учебната 2024-та година да го смени и учебникот по географија за втора година средно поради како што е наведено неосновани етнички/територијални претензии.

Историчарите се револтирани, велат дека дека одлуките на Комисијата значат прифаќање на сите бугарски барања и водат кон бугаризација, но и погазување на националните интереси. Најавуваат и научни трибини на кои ќе се оспорат сите одлуки на Комисијата.