Македонија
12. October 2017 - 16:24

Владата бара Уставен да не одлучува за спорниот член од Законот за електронски комуникации

Владата не го злoупотребува системот за прислушување на УБК, туку наскоро ќе ги менува законите за електронски телекомуникации и за следење на комуникациите согласно реформите од планот 3-6-9. Тоа, според денешното појаснување, е причината поради која Владата дала  мислење до Уставниот суд да ја сопре инцијатива за оценка на уставноста на член од Законот за електронски комуникации  со кој се овозможува непречен пристап на УБК до операторите заради прислушување.

„Сакаме да обезбедиме сигурност за граѓаните на Република Македонија дека никој и никогаш без разлика кој и да е на власт нема да помисли да ги злоупотребува службите за безбедност на оваа држава“.

Уставниот суд отвори постапка за оценка на уставноста и законитоста на членот 175 од Законот за електронски комуникации во кој се вели дека операторите се должни да ги обезбедат сите неопходни технички услови за следење на комуникациите во нивните мрежи и тоа во реално време. Со ова практично се овозможува УБК директно да прислушува преку телефонските оператори. Првичното мислење на Уставниот суд е дека се работи за неуставен член. Промена токму на овој дел од законот за елктронски комуникации се бара и во извештајот на Прибе.

Она што зачуди е дека Владата завчера даде негативно мислење во постапката пред Уставниот суд со образложение дека овој член не задира во постапката за следење на комуникациите која е утврдена првично со самиот Устав.

Од Владата негираат дека негативното мислење до Уставен суд е промена на официјалниот став на СДСМ предизборите. Тогаш партијата на премиерот Заев тврдеше дека има преголема концентрација на моќ во УБК и операторите што го овозможува Законот за електронски комуникации. Велат дека не смее да има дилеми и недоверба во системот бидејќи во моментов не се прислушува надвор од законот.

„Директорот на УБК јавно и транспарентно кажа дека во моментов се што се случува е исклучиво со почитување на целосната законска процедура. Значи, без налог од Обвинителство во Македонија веќе не може да се користат противистражните мерки“.

Сепак, Бошњаковски не даде конкретни рокови кога промените би се случиле и зошто носењето на нови законски решенија е пречка Уставниот суд да одлучува за стариот зкаон. Тој нагласи дека јавната дебата по однос на измените би требало да почне најмногу за еден месец, но не знаеше кога процесот би финиширал во Собранието. Од друга страна, во планот 3-6-9 овие реформи се предивдени во делот шест односно во делот за реформи до крајот на годината.