Свет
22. July 2019 - 9:34

Вкупно четири жртви во напад во Акапулко

Вооружен напаѓач уби четири мажи и рани седум лица во популарен бар во мексиканскиот град Акапулко, што е уште еден во низата насилни инциденти во некогашното гламурозно одморалиште на брегот на Тихиот Океан.

Обвинителството на државата Гереро соопшти дека жртвите биле жители на Акапулко и оти е уапсен еден осомничен.

Форензичарите на местото на злосторството пронашле 21 чаура.

Локалните медиуми јавија дека нападот се случил во локалот „Мистер бар“ кој се наоѓа во таканречената златна зона, на една од широките градски авении, спроти луксузни хотели на брегот.

Полицијата испрашала сведоци за да утврди дали се работи за напад или караница меѓу гости.

Локалните власти неколку дена претходно во Акапулко покренаа безбедносна операција на почетокот од туристичката сезона.

Во државата Гереро и Акапуко е регистриран пораст на насилството и бројот на убиства, што е причина за пад на бројот на туристи во градот кој некогаш беше многу популарна дестинација меѓу холивудскиот џет сет.