Македонија
27. February 2021 - 8:26

Вкупно 55 години затвор за масовното нелегално прислушување

 – Казна затвор од 55 години и десет години условни казни, односно вкупно 65 години, им изрече на 11 лица вчера Основниот кривичен суд Скопје за случајот за масовното прислушување во периодот од 2008 до 2015 година и уништување на опремата од УБК „Таргет-Тврдина“.

Судот, при изрекување на пресудата, потенцира дека со неа упатува порака дека во иднина никогаш повеќе било кој висок функционер на власта, особено во безбедносните структури, да не се осмели да стори вакво кривично дело – масовно незаконито прислушување преку системите и опрема за следење на комуникациите на УБК со единствен движечки мотив и цел да се воспостави целосна контрола врз општествениот, политичкиот и економскиот живот во државата.

Обвинителката Ленче Ристовска рече дека во целина Обвинителството е задоволно од изречените осудителни пресуди во случајот „Таргет Тврдина“, пред се поради тоа што со тоа се потврдиле сите наводи на Обвинителството, но, оти од висината на казните за дел се, а за дел не се задоволни.

Од друга страна, адвокатот на Сашо Мијалков, Љупчо Шврговски смета дека казната за неговиот клинетот е драконска и најави дека ќе се жалат кога ќе ја добијат пресудата, како и на решението за затворски притвор.

-Сметам дека казната е драконска. Да се даде максимум за секое поединечно кривично дело каде што е поднесен обвинителен предлог навистина е правен преседан. Нема да најдете во аналите на правосудството ниедна пресуда каде што за обвинителен предлог е дадена максимална казна затвор, изјави Шврговски денеска пред Кривичниот суд по објавата на пресудата за „Таргет-Тврдина“.

Пресудата ја донесе судечки совет составен од судиите Џенета Бегтовиќ и Владимир Туфегџиќ, како и тројца поротници, а на изрекувањето на пресудата присуствуваа сите обвинети, освен Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои се пребегани во Грција.

Пресудата е првостепена и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд.

На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков Судот му изрече единствена казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“. На поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, во отсуство судот им изрече казна затвор од по 15 години.

Поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска доби четири години казна затвор за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски е осуден на шест години затвор  за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, а началничката Надица Николиќ доби казна во траење од три години затвор за кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Судот им изрече условни затворска казна од две години на обвинетите Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски, за сторено кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување”.

За обвинетата Валентина Симоновска Судот изрече условна казна затвор од две години за кривичнoто делo „фалсификување службена исправа“.

Судскиот процес започна на 22.12.2017 година против 11 лица. Во текот на постапката се одржани 53 рочишта, на кои се сослушано 123 сведоци, изведени 887 материјални докази и пет вештачења. Сослушани се и голем дел од над 200 оштетени лица.

Судот го прифати предлогот на Обвинителството, за укинување на мерката куќен притвор и му одреди ефективен притвор во траење од најмногу 60 дена, до правосилност на пресудата на Сашо Мијалков. Тој е спроведен во КПУ Затвор Скопје.

Пред изрекување на пресудата Сашо Мијалков исчезна во неделата попладне на 21 февруари. Полицијата три дена трагаше по него, беше распишана национална, потоа и меѓународна потерница. Тој во вторникот попладне на 23 февруари се појави пред Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, каде тврдеше дека не избегал, туку се повлекол во изолација поради здравствени причини, имал висока температура и симптоми на корона.

Сашо Мијалков е обвинет во уште неколку предмети отворени од поранешното СЈО – „Трезор“, „Титаник 2“ и „Тортура“.

Судењето за „Таргет-Тврдина“ започна на 22 декември 2017 година, а застапник на обвинението беше поранешното Специјално јавно обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Во септември 2019 година предметите на СЈО ги презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и беа доверени на јавните обвинители кои дотогаш постапувале по конкретните предмети.

Од предметите кои ги отвори поранешното СЈО досега правосилни пресуди има за случаите „Тенк“, „Тифани“, „Труст“ и „Триста“, додека неправосилни пресуди има за „Тарифа“, „Титаник 3“, „Транспортер“ и „Насилства пред Општина Центар“. Неправосилни пресуди има и за предметите „Тревник“ – ослободителна и „Титаник 2“ – осудителна, но тие се вратени на повторно судење.