Свет
16. January 2016 - 15:40

Вкупно 27 убиени во нападот врз хотелот во Буркина Фасо

Најмалку 27 лица загинаа во напад на припадници на терористичката организација Ал Каеда на исламскиот Магреб врз хотелот „Сплендид“ и околните згради во главниот град на Буркина Фасо, соопшти францускиот амбасадор во  Уагадугу, Жил Тибо.

Во соопштение објавено на неговиот налог на Твитер, Тибо наведе и дека од местото на нападот биле спасени 150 лица од 18 земјим на кои им била укажана медицинска помош.

Претходно денеска, претседателот на Буркина Фасо, Рок Марк Кристијан Каборе соопшти дека билансот на жртви при нападот е 23 загинати.

Министерот за безбедност Симон Компаоре пак инфромира дека од хотелот биле ослободени 126 лица, вклучително и најмалку 33 повредени.

Инцидентот во Уагадугу заврши со ликвидација и на последниот, четврти, напаѓач, кој како што изјави припадник на националната полиција, бил убиен во хотелот „Јиби“, кој се наоѓа во близина на „Сплендид“.

Претходно, силите на редот ликвидираа тројца од напаѓачите џихадисти, меѓу кои еден Арап и двајца Африканци.

Одговорност за нападот презеде групата Ал Каеда на исламскиот Магреб, порачувајќи дека тој претставува „одмазда на Франција и неверниот Запад“.