Бизнис
12. јуни 2019 - 18:34

Високо ниво на загаденост на почвата во Скопје

До 16 пати над дозволените количини на арсен има во целерот и останатите раноградинарски зеленчуци од скопскиот регион. Истражувањето на невладините организации покажува дека во сите земјоделски производи од Скопско присуството на арсен е над дозволеното. Меѓутоа, најбезбедни се морковот и зелката. Почвата е најзагадена во населените места околу Железара.

- Навистина Македонија има проблеми во индустриските подрачја со  со загаденоста на почвата со тешки метали. Одредени земјоделски производи, не сите, но одредени се навистина токсични по здравјето на луѓето. Крајно време е да се преземат конкретни мерки за намалување на загадувањето на почвата, вели Ненац Коциќ од еколошкото друштво „Вила зора“ од Велес.

Од Агенцијата за храна велат дека редовно се спроведуваат контроли на храната која завршува на домашниот пазар. Во следниот период ќе се прават анализи во Вардарскиот регион, каде концентрацијата на тешки метали е најголема.

- Присуство на тешки метали над максимално дозволените концентрации ќе се утврдува со земање на 192 мостри (трпезно и винско грозје, марула, спанаќ, компир, житни и мешункасти растенија, свежи билки, габи). Со мониторингот на тешки метали ќе бидат опфатени и овошни сокови, концентрирани овошни сокови и овошни нектари, се вели во дописот од АХВ.

Експертите тврдат дека почвата сама од себе не може да се деконтаминира. Тоа е многу скап и сложен процес, кој дури и развиените држави не можат да си го дозволат.

Професорите од земјоделскиот факултет предупредуваат дека земјава нема регулатива со која се ограничува максималната количина на тешки метали во почвата. Иако досега имало два обида за носење на ваков Закон, тој бил ставен во фиока.