Македонија
15. May 2022 - 16:33

Високите сметки за струја и скапите суровини ќе ги банкротираат јавните комунални претпријатија на Истокот

Јавните комунални претпријатија од Истокот пред финансиски колапс. 

Најголем удар им нанесе енормниот скок на цената на електричната енергија, но и на останатите материјали и суровини потребни за секојдневно функционирање. ЈКП „Солидарност“ од Виница доцни со исплата на плата за вработените и е заглавено во долгови. 

-Задолженоста се должи на превработеност, ниски цени на комуналните услуги и најмногу на покачувањето на цените, не само на електричната енергија, туку и на сите влезни фактури кои влијаат на работењето. Значи ситуацијата не е воопшто добра, изјави Илија Јованов, директор на ЈКП „Солидарност“ - Виница.

Трошокот за потрошена струја влегува со ¼ до ½ од вкупните приходи на претпијатијата. Заостанатиот долг кон ЕВН ќе се плаќа на рати, но тоа не е долгорочно решение. Затоа некои претпријатија излезот го бараат во алтернативни извори на енергија.

-Решение за излез од оваа криза е постовување на фотоволтаици на местата каде што можеме, на резервоарите, на филтер станицата и градскиот пазар. Во соработка со општина Пробиштип, градоначалникот, со кој што ги изработуваме тие проекти, во наредниот проект ќе ги изготвиме и ќе дојде до нивна реализација, изјави  Драганчо Ристовски, директор на ЈКП „Никола Карев“ - Пробиштип.

Во заедничка координација со АДКОМ, ќе побараат од централната власт да ја субвенционира потрошената електрична енергија или пак да се намали цената, во спротивно, не ќе бидат во можност да ги сервисираат услугите кон граѓаните, редовно водоснабдување и управување со отпадот.