Македонија
22. October 2018 - 16:36

Високиот американски дипломат Метју Палмер во посета на земјава со поддршка на договорот од Преспа и уставните измени

Американската поддршка на Договорот од Преспа и актуелните политички состојби во земјава, се темите на кои американскиот заменик-помошник државен секретар Метју Палмер во Скопје разговараше со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

На средбата Димитров му се заблагодарил на гостинот за американската поддршка на евроатлантските интеграции на земјава и го уверил дека Македонија успешно ќе го изоди патот во НАТО и во Европската Унија.

На еднодневната агенда на американскиот дипломат беа и средбите со политичките партии.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, по средбата со Палмер потенцирал дека конструктивниот придонес на партијата нема да изостане во наредните недели, се до заокружување на процесот за интеграција на земјата во НАТО и ЕУ.

Ахмети ги потенцирал напорите за постигнување на потребната поддршка во Собранието и истакнал дека петокот беше само почеток на повеќемесечниот процес за спроведување на Договорот од Преспа.

На средбата со првиот човек на ДПА Мендух Тачи, пак, било напоменато дека партијата ќе продолжи таксативно да ги поддржува уставните измени кои произлегуваат од Преспанскиот договор, како и процесот на реформи за целосна евроинтеграција.

Средба со Палмер оствари и претседателот на движењето БЕСА, Билал Касами, кој посочил дека кон уставните амандмани за Договорот од Преспа ќе приложи и свои, во насока на унапредување на албанските позиции во државава.

Ова е втора посета на Палмер на земјава оваа година. Американскиот заменик-помошник државен секретар за европски прашања последен пат на средби со македонскиот државен врв беше во август годинава.