Свет
4. February 2016 - 8:44

Високи функционери и команданти на ИД пребегале во Либија

Високи функционери и команданти на џихадистите од Исламска држава (ИД), во изминатите месеци, пребегнале од Ирак и од Сирија, во Либија, тврди функционер на либиската тајна служба.

Во разговор за Би-Би-Си, раководителот на разузнавањето во Бенгази, Исмаил Шукри, открива дека покрај „шефовите“ на ИД, на либиска територија се повеќе се префрлуваат и џихадистите на ИД, во најголем број странци.

Според Шукри, сите се сместени во реонот на градот Сирт, како и во делови источно од него.

Забрзаното префрлување на џихадистите од ИД и на разните други милитантни исламистички групи во Либија, само покажува дека земјата за сите нив стана „рајско место“ по соборувањето и ликвидацијата на поранешниот лидер Моамер Гадафи, објаснува Шукри.

Во реонот на Сирт, кој е познат како родно место на Гадафи, дури 70 отсто од џихадистите на ИД го чинат странци, пред се, Тунижани, па потоа Египќани, Суданци и Алжирци.

Шукри вели дека има и Сиријци и Ирачани и објаснува дека припадниците на ИД од Ирак, се најчесто луѓе од безбедносните служби на поранешниот режим на Садам Хусеин.

Властите на градот Мисрата, најавиле дека ќе почнат офанзива против џихадистите на ИД, но засега нема никакви траги од почеток на борбите.

Воени команданти тврдат дека малубројните либиски сили не можат да се спправат со ИД и дека на Либија и треба надворешна помош, не само со воздушни напади, туку и со копнена интервенција.

Во вторникот, во Рим се одржа специјална конференција на која учествуваа 23 земји, меѓу кои и САД и Велика Британија, за се расправа околу борбата на меѓународната заедница против ИД во Либија.

Најголем проблем останува да биде неединството на разните либиски исламистички фракции во земјата. По безмалку пет години од соборувањето на Гадафи, не постои централна власт, нема Парламент, а има две влади, едната во Триполи, а другата во Тобрук. на крајниот Исток од Либија.