Македонија
26. January 2017 - 16:41

Вишиот управен суд потврди - ФЦЛ Амбиенте на тендер легално доби концесија за управување со депонијата Дрисла

Вишиот управен суд потврди- италијанската ФЦЛ Амбиенте ја добива концесијата на скопската депонија Дрисла. Судот утврдил дека оваа компанија ги исполнува сите услови од тендерот, а договорот треба да се дополни единствено со периодот на концесијата и кој ќе го врши нејзинот надзор. Со оваа одлука Вишиот управен суд ги отфрли наводите на тужителот германски Шолц, кој ја поднесе тужбата со обвинение дека прворангираниот италијалнски конзорциум не ги исполнува економските и техничките услови од јавниот повик.

 Советничката група на СДСМ пак тврди дека управниот суд донел одлука за запирање на постапката за избор на концесионер и отварање на нова тендерска постапка.

„Ние како советничка група на СДСМ бараме: да се донесе одлука за запирање на постапката согласно судските одлуки и интересите на граѓаните, да се распише нов јавен повик за јавно-приватно партнерство за да може новиот состав во јавна и транспарентна постапка да избере нов партнер кој ќе има најповолна понуда и бараме да се активира банкарската гаранција поради неисполнување на обврските, а приватниот партнер Амбиенте да биде избришан од регистарската влошка на Централниот регистар“, рече Драги Давчевски, координатор на сов. група на СДСМ.

Од скопската депонија Дрисла пак тврдат дека тендерот бил транспарентен и спроведен согласно сите законски прописи, а тоа го потврдил и вишиот управен суд кој ги отфрли сите наводи на конзорциумот предводен од германски Шолц.

„ФЦЛ Амбиенте инвестира согласно програмата и планот доставен во понудата. Овие години без искористени за подготовка на државната планска документација и имотно-правните односи, за што се инвестирани 3,5 милони евра во подготовка. Инвестицискиот циклус после оваа одлука дефинитивно ќе отвори еден автопат кој што ќе може ФЦЛ Амбиенте без никаков сомнеж да инвестира следните години“, вели директорот на Дрисла Горан Ангелов.

Согласно тендерот италијанската Амбиенте во следните 4 до 5 години ќе инвестира околу 73 милиони евра. Средствата ќе бидат наменети за запечатување на сегашната депонија и изградба на ќелиски систем согласно европските стандарди. Компанијата е обрзана да ги задржи на работа сите вработени и да изгради фабрика за спалување на отпадот од каде потоа ќе може да се добие топлинска и електрична енергија.