Македонија
12. September 2019 - 16:13

Вишеградската група ја повика ЕУ во октомври да донесе одлука за отворање преговори со Македонија и со Албанија

Земјите од Вишеградската група даваат недвосмислена поддршка за влез на земјите од Западен Балкан во Европската унија. Прeмиерите на државите на Вишеградската група потпишаа Декларација за Западен Балкан во која се вели дека обединувањето на Европа нема да биде целосно без пристапување на Западниот Балкан во ЕУ.

- Започнувањето на пристапните преговори во октомври 2019 година не само што ќе овозможи двете држави (Македонија и Албанија) да се посветат уште повеќе на потребните реформи, туку ќе служи како значаен поттик за целиот регион и гаранција дека Европската Унија ќе продолжи да има водечка улога во позитивната трансформација на регионот, соопштуваат од Влада.

Во Декларацијата се потенцира подготвеноста на државите од Вишеградската група за натамошна поддршка за широка реагионална соработка, добрососедски односи и помирување на Западниот Балкан.

На самитот учествуваше и премиерот Заев. Во обраќањето истакнал дека дека земјите од Вишеградската гупа отсекогаш биле силен поддржувач на Западниот Балкан во процесот на евроинтеграција.

-Очекувам нашето членство во НАТО да стане ефективно наскоро, после десет позитивни препораки за Европската комисија, оптимистичките заклучоци на Советот (во 2018 и 2019 година) и резултатите што ги создадовме – сé повеќе сум убеден дека сме подготвени да го започнеме ова патување и да се соочиме со сите предизвици што ги носи процесот. Успесите што ги остваривме во домашните реформи и во затворањето на отворените билатерални прашања, ни даваат кредибилитет да тврдиме дека ќе бидеме успешни и во пристапниот процес, истакнал Заев.

Денеска и чешкиот Парламент го ратификуваше Протоколот за членство на Македонија во НАТО.  Земјава ќе стане полноправна членка на Алијансата откако сите 29 земји-членки ќе го сторат истото.