Македонија
13. November 2015 - 17:11

Вишеградската група бара почеток на преговори за членство на Макеоднија во ЕУ

Европската Унија нема никаков кредибилитет, ако и натаму ја држи Македонија без преговори. Реакцијата на министертите за надворешни работи на земјите од Вишеградската група е прва по објавувањето на прогрес извештајот на Европската комисија.

На конференцијата во Прага на која учествува шефот на македонската дипломатија и неговите колеги од земјите од Западен Балкан, како и  потпретседателот на Европската комисија Франс Тимерманс и британскиот министер Филип Хамонд е дадена јасна порака за македонските евроинтеграции

-Од земјите членки на Вишеградската група има безрезервна поддршка за отпочнување на преговори меѓу Република Македнија и ЕУ. Сметаат дека тоа е навистина пропуштена можност во изминатиот период. Се разбира дека има очекување и за надминување на политичката криза, внатре во државата која во подолг временски период се користи како оправдување зошто не се отпочнати преговорите, изјави за Сител министерот Попоски.

Земјите од Вишеградската група и од Западниот Балкан изразија загриженост и за мигрантската криза, бидејќи мерките не даваат резултати и треба да се преземат нови. Унгарија, Полска, Чешка и Словачка се подготвени да им помогнат на Македонија и на Србија, кои се наоѓаат на мигрантската рута.

-Конкретна помош од земјите од Вишеградската група е понудена и во делот на справување со мигрантската криза. Во делот на обезбедување на границата, регистрација на мигрантите, обезбедување на хумани услови на третман и секако во делот на меѓуинституционалното поврзување и помош за нашите институции кои се во првите редови на граничните премини во Македонија, изјави Попоски

На конференцијата беше официјализиран и Балканскиот фонд, по модел на Вишеградскиот, наменет за проекти за прекугранична соработка, во областа на образованието, стипендиите, поврзување на луѓето и олеснување на трговијата. Во фондот 6-те земји од Западен Балкан ќе учествуваат со по 30 илјади евра, а Вишеградската група со 80 илјади. Фондот во иднина ќе се зголемува.