Свет
27. January 2016 - 20:35

Вирусот Зика регистриран и во Португалија

Вирусот Зика, што се пренесува со убод на комарец, потврден е кај пет лица во Португалија, кои неодамна престојувале во Бразил, но станува збор за полесни случаи, соопшти Националниот здравствен завод во земјата.

- До денеска имаме пет потврдени случаи, сите се заразени во Бразил. Тие луѓе не се во болница, и не им е потребна натамошна медицинска помош бидејќи се работи за полесни случаи, соопшти Заводот.

Вирусот Зика го пренесуваат исти комарци „аedes aegipti“ кои ја пренесуваат денга грозницата и жолтата грозница.

За овој вирус не постои лек, а инфекцијата предизвикува симптоми како температура, коњуктивитис и главоболки.

Светската здравствена организација претходно предупреди дека опасниот вирус Зика би можел да се прошири во голем број земји и оти најверојатно ќе дојде до ширење на вирусот во сите држави на Јужна и Северна Америка, освен во Канада и Чиле. 

Вирусот е најопасен за бремените жени бидејќи влијае на фетусот, а децата се раѓаат со оштетувања на мозокот што може да предизвика и смрт.

Научниците тој вирус го поврзуваат со оштетувања на мозок кај повеќе илјади новороденчиња во Бразил.