Македонија
10. јуни 2020 - 17:20

Вирусот Ковид-19 не слабее, рекорден број починати во еден ден

По вчерашните 87, денеска повторно алармантна бројка на нови случаи со Ковид-19. Изминатото деноноќие регистрирани се 125 позитивни на вирусот. Починаа 7 лица најмладиот на 46, а највозрасниот на 87 годишна возраст.

Евидентирани се 6 оздравени пациенти.

Најмногу новозаболени има во Скопје 89, Тетово 11, а коронавирусот се појави и во Ресен.

Од Скопските општини и понатаму најмногу активни случаи има во Чаир 195, Бутел 72, Центар 71.

Од Центарот за јавно здравје информираат дека 20 гости кои присуствувале на свадбата во Нерези кај младоженците вработени во Лекарската комора се позитивни на тестовите. Негативни се резултатите на сите вработени во Центарот откако вирусот беше откриен кај двајца епидемиолози и двајца техничари.

По регистрирани случаи во неколку државни институции, позитивен на Ковид-19 е и советник во кабинетот на Наќе Чулев. Техничкиот министер во МВР на Фејсбук напиша дека не се заразил на работното место.

-Последен пат бил на работа на 02.06, а тестот го направил на 06.06, кога е потврдено дека е позитивен. Последната моја средба беше на 24.05.2020. Досега ниту едно лице од Кабинетот на министерот не е во изолација, објави Чулев.

Oткако вчера Владата не ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести за полициски час од 22 до 5 часот во градовите со најмногу заразени  и ја врати повторно да ја разгледаат, според информации на Сител на утринскиот состанок лекарите воопшто не разговарале за ограничувања на движењето ниту за други конкретни препораки за секторите кои не функционираат поради коронакризата. Повторно ќе заседаваат во петок.

Во моментот во Македонија има 1.536 активни случаи. Повеќе од половина 844 се во Скопје, Следуваат Штип со 186, Куманово 155, Тетово 145.

Последните 24 часа на Инфективната Клиника и во ГОБ 8 септември примени се 21 пациент со Корона.

Во овие две здравствени установи на лекување има 131 заразен со корона, а во градската болница 8 се во критична состојба и на апарати за дишење.