Македонија
25. April 2020 - 8:23

Вирусот досега потврден кај 1326 луѓе, стигнаа 12 респиратори за најтешките случаи

Во два месеца – од 26 февруари кога беше дијагностициран првиот позитивен на КОВИД-19 во земјава, вирусот заклучно со вчера е потврден кај 1326 пациенти. Во овој број се и новите 26 случаи од кои речиси половината (11) се од Скопје. Во извештајот од вчера за претходните 24 часа се евидентирани и 36 оздравени пациенти – двајца од болница и 34 кои се лекувале во домашни услови.

Инфицирани со коронавирусот досега има во 26 градови – најмногу во Скопје (451), а потоа во Куманово (355).  Смртни случаи има 57, меѓу кои и последниот – 80-годишен пациент од Скопје кој на Инфективната клиника во Скопје бил хоспитализиран на 21 април. Досега во земјава се направени вкупно 14 057 тестирања за КОВИД-19.

Вчера пристигнаа првите 12 респиратори и друга лична опрема (5 000 специјални заштитни маски за здравствените работници) донирани од Европската Унија, наменети за Инфективната клиника и ГОБ „8 Септември’. Донацијата е дел од проектираната помош на ЕУ од четири милиони евра за итни медицински потреби за земјава.

Респираторите се произведени во Јужна Кореја и имаат високи перформанси со инвазивна и неинвазивна вентилација и се клучни за пациентите во најтешка состојба кои се лекуваат на интензивна нега. Помошта за Министерството за здравство ја предаде евроамбасадорот Самуел Жбогар кој истакна дека ова е прв пакет од поддршката што Брисел ја најави пред неколку недели.

Набавката на приоритетна медицинска опрема и материјали ја спроведува Канцеларијата на Обединети нации за проектни услуги (УНОПС) и е најавено дека таа ќе испорача уште осум респиратори односно вкупно 20 според договорот од 3 април. 

Во врска со резултатите за пациентите што досега се ставени на респираторна машина, министерот за здравство Венко Филипче вчера на прес-конференција на новинарско прашање одговори дека досега нема излекуван пациент и пуштен на домашно лекување, но дека се планира промена на начинот на лекување.

-Нема излекуван пациент на респираторна машина, има повеќе пациенти кои подолг временски период се лекуваат, а сега планираме и промена на начин на лекување во однос на правење  трахеостома и трахеотомија на некој којшто веќе покажува знаци дека може да закрепне, рече Филипче.

Соопшти дека е изготвен протоколот за лекување со крвна плазма, но засега кај ниту еден пациент не е препорачан овој вид лекување. Во однос на лекување со алтернативна медицина, на пример со хомеопатски лекови, пак, Филипче нагласи дека практиката  кај нас се темели на медицина базирана на докази.

– Во однос на  алтернативните методи ние во нив, прво, немаме искуство и, второ, мора да бидеме внимателни. Сега се публикува сè и сешто и не сме сигурни дека тоа што се публикува е навистина така, рече министерот.

Филипче оцени дека е  успешна стратегијата за справување со коронавирусот во државава и дека, како и експертите епидемиолози, смета дека се добри и точни проекциите за развојот на болеста и епидемиолошката крива и тоа што порастот на новозаболени е линеарен.

Задолжителната мерка за носење заштитна маска, рече, се должи на фактот што сега има голем број асимптоматски носители на вирусот и прекривањето на устата и носот значајно ќе придонесе да се намали ширењето на заразата.  Министерот забележа дека оваа мерка не се почитува во целост и  има впечаток, рече, дека правилата се прекршуваат.

За заштитните ракавици посочи дека не се неопходни да се носат  доколку внимателно, често и по 20-ина секунди се мијат рацете. Притоа нагласи дека со ракавиците може и да се пренесе вирусот ако се носат невнимателно или со нив се допира заштитната маска.

Во Дебар, каде што имаше жариште на почетокот на епидемијата и беше кризно подрачје, почнува скрининг на имунитетот на населението. Во овој град ситуацијата сега е стабилна – веќе деветти ден нема новодијагностицирани и бројот на заразени останува 51 од кои три се активни.