Македонија
13. October 2017 - 19:25

Вирус „коксаки“ кај две деца од Аеродром

Две сестрички од Скопје заболеле од коксаки вирус.  Децата го посетувале објектот Штркче на градинката Срничка во Аеродром. Викендот имале многу висока температура и осип по рацете, нозете, стапалата и околу устата. Матичниот лекар според имптомите констатирал дека се работи за ова заболување, но тој не го пријавил случајот во Центарот за јавно здравје затоа што за оваа болест во Македонија не е задолжително пријавувањето. 

Во меѓувреме информацијата за состојбата на децата која ја споделила мајката на социјалните мрежи ги алармираше здравствените служби. Извршена е контрола на просториите каде престојувале децата. Едното било во мала група, а другото во јасли. 

-Децата се адаптирале за престој во градинка. Во градинката престојувале по 1 час дневно, последен пат биле во градинката на 4 октомври, изјави д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ. 

Двете заболени деца се во стабилна здравствена сосотојба. Засега не се регистрирани други случаи. Екипи од Центарот за јавно здравје  извршиле дезинфекција на градинката, а епидемиолози  испитуваат како се заразиле сестричките, Состојбата во градинката ја следат и од ДСЗИ.

-Ние ќе ја следиме состојбата да не дојде до евентуално ширење на вирусот, додаде д-р Сотирова Бухова.

Од Срничка во Аеродром тврдат дека децата не ја добиле заразата во градинката. 

-Во однос на невистините кои циркулираат на социјалните мрежи би сакал да ве известам дека спроведена е постапка според предвидениот протокол за безбедност на децата во установата. Проверени се сите информации од страна на загризениот родител од моја страна и од страна на медицинската служба. И од инспекцискиот надзор добивме потврда дека хигиената е беспрекорна, изјави за Сител Јоаким Димулков, директор на детската градинка Срничка во Аеродром.

Инаку коксаки вирусот е од групата стомачни вируси уште наречен и болест на валкани раце се пренесува преку допир со заразени предмети, но и преку воздух со кивање и кашлање.