Македонија
18. February 2020 - 8:37

Виолинистката Естер Ју ќе настапи на концертот на Филхармонијата

„Бајка“ е насловен концертот кој оркестарот на Филхармонија ќе го одржи задутревечер, на кој солистка ќе биде американска виолинистка Естер Ју, а диригент е Чарлс Оливиери Мунро од Малта. На програмата се Концертот за виолина и оркестар од Глазунов, симфониската поема „Кампот на Валенштајн“ од Сметана и симфониската суита „Бајка“ од Ј.Сук.

Естер Ју го привлече вниманието на музичката јавност во 2010 година кога стана најмлад добитник на интернационалниот виолински натпревар „Сибелиус“. Во 2012 година беше една од најмладите лауреати на натпреварот „Кралица Елизабета“. Од 2014 до 2106 година беше „Уметник на новата генерација“ на Би-би-си и прв резидент уметник во Кралскиот филхармониски оркестар.

– Критиката ја опишува нејзината изведба како неверојатно моќна и драматична. Естер Ју е исклучително софистицирана и интелигентна виолинистка со препознатлив стил на изведба. Почнала да свири виолина на пет години. Оваа значајна виолинистка вели дека маестро Лорин Мазел бил една од нејзините најголеми инспирации, соопшти Филхармонијата.

Естер Ју  вели имала среќа да запознае и да работи со легендарни музичари кои ѝ биле најголема инспирација. За Лорин Мазел вели ѝ бил ментор кој ја научил  како да се носи со предизвиците во  музичкиот живот, а за маестро Владимир Ашкенази, со кого имала можност да сними два албума и да свири на неколку концерти, вели дека ја научил  како да создава музика, да биде позитивна и да се забавува на сцена.

– Маестро Еса-Пека Салонен е, исто така, важен во развивањето на мојата музичка визија. Со него имав турнеја и тој ми покажа нови патишта на звукот за кои не бев свесна дека постојат. Генерално најмногу се инспирирам кога директно контактирам со луѓе – без разлика дали разменувам идеи со некој голем диригент, свирам камерна музика со исклучителни колеги или влегувам во страсни дискусии со луѓе кои немаат допирна точка со музиката, истакнува виолинистката Естер Ју.