Македонија
27. November 2021 - 16:37

Виничката депонија го загадува целиот регион на градот

Депонијата за одлагање на отпад во Виница е најголем причинител за аерозагадувањето во општината. На овој простор се депонира отпад повеќе од 5 децении, но несоодветно се третира, поради што се создава метан и депонијата се самозапалува. Густиот чад и неподносливата реа се шири и во околните општини.

- Свесни сме за тоа. Има реакции од Кочани и околните општини, од еколошките здруженија, ние сме во контакт. Секојдневно интервенираме со она што располагаме, со механизација, а на помош ја повикуваме и ТППЕ. Меѓутоа, тоа не е решение на проблемот, изјави Миле Петков, градоначалник на Виница.

За итно решавање на проблемот, локалната самоуправа се одлучи да побара стручна помош, односно, да се третира отпадот со нанесување на морски алги. Тоа е нов производ од соседна Србија, кој дал резултати во санација на депониите во повеќе македонски општини.

- Покрај тоа што го угушува чадењето и огнот од депонијата, го намалува производството на метан и ги заштитува исцедните води од депонијата. Со нанесување на алгата, процесот се случува моментално. Нема чекање со денови, нема чад, нема оган и нема миризба, тоа е моментално решавање, изјави Кире Неделкоски, експерт.

Ова е најеколошко, но и најекономично решение за општините до изградбата на регионалната депонија во Овче Поле, каде ќе се депонира отпадот од целиот источен регион.