Македонија
8. јуни 2016 - 13:51

Викендов почнува 4. Скопје Стрит Фестивал

Четвртото издание на Скопје Стрит Фестивал (ССФ) ќе се одржи викендов во Градскиот парк каде на вкупно пет креативни сцени за урбана култура: графити, стрит бол, работилници, денс и музички стејџ, се очекуваат да присуствуваат над 5.000 прогресивни Скопјани, а и гости од регионот од сите возрасти.

Новитети за оваа година, како што информираат организаторите, се неколку интерактивни работилници „Custom патика”,  работилница за продукција на музика “Beats & Breaks” со диџеј Propo 88 од Холандија и Red Bull Curates проект за креативно исцртување на нови површини.

Нов стејџ за оваа година, поддржан од Win Music Freedom е и Dj’s Clash натпреварот кој ги повикува сите млади вљубеници во електронската музика да се пресметаат со свој 30-минутен сет. Победникот ќе биде оценуван од наши познати диџеи, и ќе има можност да пушта свој двочасовен сет во некој од скопските клубови.

- ССФ продолжува и оваа година со уште поголема динамика и поширок концепт за градење на улична култура и урбано будење. Скопје претставува симбол на солидарноста и подадена рака, па оттаму и идејата  за споделување на нови искуства од еден поинаков вид. Фестивалот е од отворен тип и навистина претставува отворена и слободоумна платформа за споделување на забава, креативност и едукација. Идејата ни е да ги разбудиме младите, да излезат и да покажат на кој начин креативно ќе можат меѓусебно да се „пресметаат”, посочуваат организаторите.

Влезот е слободен за сите сцени, сите три дена од случувањата почнувајќи од 17 часот на 1 јуни до полноќ на 12 јуни. 

Покрај кампањите на социјалните медиуми и графичкиот идентитет на настанот, оваа година е изработена и мобилна апликација за андроид и иос платформите. Освен информации за настанот и програмата, апликацијата ќе се користи и за гласање на Red Bull Curates натпреварот, за пријавување идеи, волонтери, предлог артисти и слични барања на нашата публика. Линковите за преземање на апликацијата ќе бидат официјално објавени на фан пејџот на Skopje Street Festival.

Скопје Стрит Фестивал се одржува од 2013 година и секоја година, над 100 урбани артисти имаат можност да ја изразат својата креативна мисла. Оваа година фестивалот беше добитник и на две престижни меѓународни награди на Eventex-Global Event Awards во Софија, Бугарија - две втори места за најдобар културен настан и најдобар фестивал, посочуваат организаторите.