Македонија
17. February 2020 - 9:57

Викендов изречени 76 казни за непрописно паркирање на Водно

Градските комунални редари и овој викенд вршеа засилени контроли за непрописното паркирање на јавни површини и изрекоа вкупно 76 казни за паркирање во зеленило. Во саботата беа изречени 14, а во неделата 62 казни, соопшти Град Скопје.

Целта, како што се наведува во соопштението, е да се заштити планината Водно од загадување и да се овозможи непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, а особено на пешаците и на велосипедистите.

Градските власти потсетуваат дека е воведен бесплатен автобуски превоз за време на викендите и празниците, а на паркиралиштата на Средно Водно е воведено зонско паркирање. На паркиралиштата е поставена соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација и информативни табли. Паркирањето е бесплатно за хендикепираните лица и за туристичките автобуси.

Град Скопје апелира до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.