Бизнис
14. September 2019 - 13:35

Вицепремиерот Анѓушев во посета на Руен Инокс и Пејпер Мил во Кочани

Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, во рамките на активностите за презентација на измените и дополните на Законот за финансиска поддршка на инвестициите и Предлог законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување по основ на зголемување на плата, ги посети компаниите Руен Инокс Аутомобиле и Пејпер Мил во Кочани, кои последните години бележат раст на приходите и на бројот на вработени.

Двете компании се лоцирани во индустриската зона во Кочани, преземени од сегашните сопственици во незавидна состојба, а во последните години реализираат нови инвестиции со кои се унапредува технолошкиот развој и се зголемува нивната продуктивност.

По разговорите со сопственикот на компанијата Руен Инокс Аутомобиле, Славе Јорданов и посетата на производствените капацитети, Вицепремиерот Анѓушев изрази задоволство што само за неколку години од руинирана фабрика, оваа фабрика станала респективен и конкурентен производствен капацитет.

„Оваа компанија секоја година ги зголемува производствените капацитети. Станува збор за една домаќинска организација и поставување на производствен процес. Има простор за дополнително подобрување, особено во  осовременување на технологијата и машинскиот парк, но мора да се признае дека многу е направено за кус период. Преку мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кои Руен Инокс Аутомобиле веќе ги користи и има потпишано договор во 2018 година, се дава можност токму за поврат на инвестиции кои се направени за модернизирање и осовременување на производствениот процес. Владата ќе продолжи да ги спроведува мерките за поддршка на компаниите, за нивниот раст и развој, понатамошно зголемување на обемот на производство, затоа што само со развој на компаниите и реалниот сектор можен е побрз и одржлив раст на економијата во државата“, посочи Анѓушев.

Сопственикот на Руен Инокс Аутомобиле, Славе Јорданов, изрази големо задоволство од мерките во Законот за финансиска поддршка на инвестициите и посочи дека поддршката добиена за реализирани инвестиции во 2017 година, е единствена позначајна поддршка која компанијата ја добила од страна на државата досега, како и дека е задоволен од економските политики кои ги спроведува Владата во насока на унапредување на конкурентноста на македонските компании.