Македонија
18. July 2017 - 11:58

Вицепремиерот Анѓушев се сретна со хрватската амбасадорка Баришиќ

Спроведувањето на економските реформи и процесот на привлекување на инвестиции во Република Македонија беа тема на разговор на денешната средба меѓу вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и хрватската амбасадорка Данијела Баришиќ.

Амбасадорката Баришиќ, информираат од Кабинетот на Анѓушев, посака успех на Владата и истакна дека Република Хрватска, како членка на Европската унија, ги поздравува чекорите кои оваа Влада ги прави во однос на исполнување на критериумите за членство во ЕУ, но и за подобар живот на граѓаните. Таа покажа особен интерес за најавениот нов концепт за привлекување на странски инвестиции, при што истакна дека е особено важно инвеститорите да се чувствуваат сигурни и државата да гарантира безбедност на капиталот.

Вицепремиерот Анѓушев порача дека Владата ќе направи измени во концептот за привлекување на странски инвестиции кој ќе биде транспарентен, критериумите јавно објавени, а и домашните инвеститори ќе добијат исти услови како странските, што досега не беше случај.

- Работиме на нов модел за привлекување на инвестиции, кој ќе биде транспарентен и ќе овозможи поголема соработка помеѓу домашните и странските компании. Ќе привлекуваме реномирани странски компании да дојдат во нашата земја, а паралелно ќе ги поттикнуваме домашните инвеститори технолошки да се развиваат, да бидат извозно ориентирани, воедно да станат добавувачи на странските, со што би го подигнале нивото на меѓусебна соработка. Странските инвеститори се добродојдени, но мора да ги развиваме домашните фирми, за одржлива економија која ќе продуцира повисоки стапки на раст, потенцирал Анѓушев.

Соговорниците заклучиле дека меѓусебната економска соработка треба да продолжи да се развива и дека поддршката од Република Хрватска на евро-атлантскиот пат на Република Македонија е многу значајна.