Македонија
20. April 2016 - 21:14

Вицепремиерот Адеми во работна посета на Република Словенија

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Арбр Адеми денеска престојуваше во прва официјална посета на Република Словенија. Во рамки на посетата тој се сретна со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Република Словенија, Карл Ерјавец.

Како што соопштија од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) на средбата било разговарано за билатералната соработка помеѓу двете земји за која оцениле дека е на исклучително високо ниво и дека двете земји имаат стратешко партнерство кое се карактеризира со континуирана поддршка за процесот на ево-атлантска интеграција на Македонија. Било заклучено дека постојат услови за понатамошно продлабочување на соработката во сферата на економските односи и трговските односи.

-Во однос на актуелната политичка состојба во земјава, двајцата соговорници потенцираа дека е од исклучителна важност во наредниот период и особено наредните неколку денови,  да се преземат сите неопходни активности за надминување на моменталната состојба. Соговорниците се согласија дека на Македонија и се потребни демократски и кредибилни избори, во насока на политичка разрешница и фокусирање на имплементацијата на Итните реформски приоритети, односно продолжување на евро -атлантската траекторија, се наведува во соопштението на СЕП.

На средбата била истакната позитивната и конструктивна улога на Република Македонија во справувањето со мигрантската криза и придонесот на државата за спречување на обидите за нелегален премин на македонско -грчката граница. Улогата на Македонија била оценета како многу значајна и како јасен придонес кон сеопштиот план на ЕУ за справување со миграциската криза.

Соговорниците се осврнале и на значењето на добрососедските односи и регионалната соработка, особено и во контекст на Берлинскиот процес, реализацијата на договорените мерки во Виена и подготовките на Парискиот самит. Било потенцирано дека билатералните спорови не треба да ги попречуваат земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ.

Во рамки на посетата на Словенија, вицепремиерот Адеми оствари л работна средба и со Дарја Бавдаж Курет, државен секретар во Министерството за надворешни работи и со нејзиниот тим.