Спорт плус
16. March 2017 - 14:25

В.Георгиевски: 60- години дружба со шахот

Едно од имињата кое несомнено е дел од богатата шаховска историја на Македонија е и Ванчо Георгиевски кој годинава слави 70 години живот и 60 години од првиот официјален шаховски настап. 
За време на својата кариера Георгиевски настапи на многубројни турнири дома и во странство како во поединечна така и на клупската сцена а беше и член на шаховската репрезентација на Македонија во поранешна СФРЈ. 
Играл на турнири во Италија, Турција, Грција,Бугарија, Романија, Слвоенија, Хрватска, Србија, Полска итн. 
„Шахот е мојот живот, шахот тече низ мојата крв, тоа е игра без која не можам да дишам, игра за која секогаш имам резервирано билет и време„- вели Георгиевски кој како активен шахист играл на 20 последовни шаховски шампионати на Македонија:
„ Тогаш на првенствата не можеше да игра секој како сега туку се минуваа многу филтри, како градски првенства па полуфинални натпревари и дури тогаш финале на главниот шампионат“ - истакнува популарниот Ванчо кој во 1974 година ја освои и титулата првак на Македонија на првенството во Отешево со фантастичен скор од 12.5 поени од 15 можни. 
„Сум играл на многу силни меѓународни турнири но најмногу ми значи турнирот „Средба на Солидарноста“ што во 1976-тата година се играше во Скопје а на кој настапија најголемите светски шаховски имиња. Успеав да го победам рускиот велемајстор Рафаел Вагањан ( во тоа време меѓу првите 15 во светот). Играв и против тогашниот светски првак Анатолиј Карпов“- се сеќава Георгиевски. 
Ванчо Георгиевски во својата кариера настапувал во неколку клуба но како што вели најмногу му значи ШК Алкалоид каде членува и сега. Во овој клуб Георгиевски 20 години настапуваше како член од самото формирање во 1976г. Потоа беше генерален секретар и технички организатор на меѓународните шаховски турнири под покровителство на компанијата Алкалоид:
„Морам да ја истакнам поддршката на тогашниот генерален директор Трајче Мукаетов кој многу го сакаше шахот и со негова помош го организиравме и силниот меѓународен турнир во Дојран на кој неколку наши шахисти се стекнаа со врвни шаховски титули а и го добивме првиот македонски велемајстор Влатко Богдановски“ вели Георгиевски кој денеска како пензионер игра на разни турнири а како член на екипата на Општинското здружение на пензионери (центар) лани го освои првото место. 
„Моето најголемо оружје на шаховското поле секогаш беа упорноста, концентрацијата, самодовербата и на крајот логиката“- истакнува Ванчо Георгиевски за ТВ Сител.