Свет
18. September 2017 - 10:55

Вежби на воени авиони на САД и Јужна Кореја над Корејскиот Полуостров

Американската војска испрати денеска неколку бомбардери Б-1Б и борбени авиони Ф-35 да учествуваат во воените вежби заедно со Јужна Кореја над Корејскиот Полуостров, покажувајќи ја својата сила пред Северна Кореја, соопшти Министерството за одбрана во Сеул.

- Бомбардери полетаа од Гуам, борбени авиони од Јапонија, а ним во вежбите им се придружија шест јужнокорејски борбени авиони, нагласи претставник од Министерството.

Кина и Русија денеска, исто така, започнаа поморски воени вежби во близина на брегот на Северна Кореја, во момент кога се зголемени тензиите поради нуклеарната програма на Пјонгјанг и во пресрет на заседанието на Генералното собрание на ОН.

Заедничките поморски маневри ќе се одржат меѓу Заливот Петар Велики, во непосредна близина на руското пристаниште Владивосток и кај руско-севернокорејската граница, и јужниот дел на Охотско Море, во подрачјето северно од јапонскиот брег.

Ова е втор дел на кинеско-руските поморски вежби оваа година, а првиот дел се одржа во јули на Балтичко Море.