Македонија
12. January 2017 - 13:20

Вевчани подготвено за карневалот

Вевчани е подготвено за претстојниот Вевчански карневал „Василичари 2017“. Улиците се чисти од снегот, а исполнети се и сместувачките капацитети, информира денеска градоначалникот Цветомир Угриноски. 

Поради студеното време некои од гостите, според него, ги откажале резервациите, но испрзнетите места веднаш биле пополнети со други. Веќе пристигнале гости од Лондон, Нигерија Србија, Бугарија..., а се очекуваат голем број и од земјава.

Екипи на ЈП „Македонијапат“ вчера го исчистиле патот до Вевчани, а Јавното комунално претпријатие се погрижило за улиците.

- Вечерва очекуваме над 10.000 посетители. Мал проблем ќе ни биде паркингот, но се надевам дека ќе го надминеме и тоа. Патот до Вевчани и главните улици се целосно чисти, а исчистени се и споредните улички. „Македонијапат“ го исчисти патот до центарот, фрли сол и песок, а Комуналното претпријатие ги исчисти улиците. Дополнително и температурите растат, мразот попушта што покажува дека времето нема да биде пречка за добра карневалска забава, изјави Угриноски за МИА.

Забавата, додаде, почнува вечерва со настапите Нокаут, ДНК и Фрајле, а утревечер на програмата се Јордан Митев, Ефто Пупиноски и Анета Наковска. Новата година ќе биде дочекана со пет минутен огномет.

Традиционалното карневалско дефиле под маски почнува утре напладне кога двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, Глупавите Августи и останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања во изминатата година ќе продефилираат низ вевчанските улици и ќе ги претстават своите маски. Вевчани ќе наликува на театар на отворено, а секое карневалско издание за вевчанци е доживување и инспирација за изработка на маска за следната година. Вевчанци ќе кажат се, но до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат.

После полноќ невестите од двете маали заедно со гостите одат на Вевчанските извори полнат вода со која се прави вевчанскиот кашаник (зелник) во кој се става паричката. Кај оној што ќе се падне паричката ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година.

Според традицијата, следниот ден Василичарите ќе одат од куќа во куќа каде што има име Васил да му честитаат и околу пладне доаѓаат во центарот на Вевчани каде што ги играат василичарските ора. Манифестацијата ќе заврши со традиционалното палење на маските во центарот на Вевчани. Со палењето на маските се верува дека се ослободуваат од злото и дека годината ќе им биде среќна и бериќетна.
Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на Вевчани, со традиција од околу 15 века симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на пагнаството, а другиот на христијанството. Задолжителни елементи се зетот и невестата кои се симбол на плодноста и продолжувањето на семејството, двата ѓавола, кои се олицетворение на злото и двајцата глупи Августи, кои ги штитат од злото. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот, Јулијанскиот календар.