Свет
14. јуни 2016 - 12:30

Весникот „Сан“ ги повика Британците да гласаат за Брегзит

Најтиражниот британски весник „Сан“ ги повика гласачите во Велика Британија да гласаат за напуштање на ЕУ.

На цела прва страница весникот порачува да се гласа за заминување, додека во бројните прилози, во кои ја објаснува својата позиција, им сугерира на Британците со своето определување за Брегзит „да се ослободат од диктатурата“ на Брисел.

Овој весник е првиот во Британија кој се определи пред референдумот на 23 јуни, онака како што главните весници во земјата се определуваат пред парламентарните избори за тоа дали да застанат зад една или зад друга партиска опција.

Определувањето на „Сан“ против ЕУ и за напуштање на Унијата не претставува изненадување.

Весникот, кој е дел од британската новинска компанија во сопственост на медиумскиот тајкун Руперт Мардок, никогаш не бил симпатизер на европското интегрирање и негово претворање од европска економска заедница во Европска унија.

Мардок преку „Сан“ имаше започнато силна кампања против создавањето на ЕУ, а посебно против единствената валута, успевајќи да ги увери британските политичари да не ја напуштат фунтата во корист на еврото.

Повикот на најтиражниот британски весник за Брегзит доаѓа на осум денови пред референдумското објаснување и во моменти кога повеќето анкети тврдат дека приврзаниците за напушатње на Унијата се побројни од оние кои сакаат земјата да биде и натаму дел од ЕУ.

Антиевропскиот таблоид „Дејли Експрес“ кој секојднево шири анти-ЕУ хистерија, плашејќи ги Британците со мигрантите од земјите-членки на Унијата, пред се оние од новопримените земји од Источна Европа, денеска „открива“ дека пет милиони Европејци добиел пасоши на ЕУ во изминатите седум години, што значи дека толку мигранти „се на пат“ кон Британија.

Антимигрнтската хистерија против дојденци од источноевропските земји на ЕУ, за кои се тврди дека им ги „заземаат работните места, становите, училишните клупи и здравствените услуги“ на Британците, остана главното оружје во кампањата на групата за Брегзит, која ја предводат неколкумина министри конзервативци од Владата на премиерот Дејвид Камерон, кои настојуваат преку референдумот да ја преземат и контролата врз владата.