Македонија
18. August 2020 - 21:59

Вештаци без лиценца вештачеле за случајот "Организатори на 27-ми април"

Вработени во МВР повикани од обвинителството да сведочат како вештаци во предметот за наводните организатори на крвавиот четврток, признаа дека не се овластени да изготвуваат судски вештачења. Тројцата компјутерски инженери кои пред две години работеле на извлекување податоци од мобилните на Трајко Вељановски и Крсто Мукоски изјавиа дека дури сега почнале постапка да добијат лиценца за судски вештачења.

„Немам лиценца за вешто лице и никогаш до сега не сум била лиценциран вештак. Во мојата работа користам дозволи од фирмите кои изработуваат софтвери за извлекување податоци од мобилни телефони, но за дел од програмите немам лиценца“, изјави Ивана Петковска од одделението за компјутерски криминал во МВР.

Податоците  добиени со анализа на мобилните, се докази на обвинителството против Вељановски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски за кои тврди дека се нарачатели на упадот во собранието.

Одбраната се сомнева во веродостојноста на таквите докази но и нивната точност.

Обвинителството уверува дека вештачењата се легитимни.

„Овие вештачења секогаш ги изготвува МВР и судот ги прифаќа. Вработените во овој оддел ги имаат сите потребни сертификати за користење на потребните софтвери кои се меѓународно признати, а ние како земја сме потписници на многу меѓународни договри  со кои всушност ги прифаќаме“, велат од обвинителството за гонење криминал и корупција.

Четворица поранешни високи државни и полициски функционери се на обвинтелна клупа како наводни организатори на случувањата од 27 април.. Одговараат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.