Македонија
8. November 2016 - 16:55

Верувања за Митровден: Ова ќе се случи ако не сте спиеле дома минатата ноќ

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е Свети великомаченик Димитриј – Митровден.
 
Свети Димитриј се роди во Солун, во третиот век. Беше син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го постави Димитриј на истото место и посебно му препорача да ги гони христијаните.
 
Меѓутоа, Димитриј не само што не ги гонеше, туку и јавно ја исповедаше и проповедаше верата во воскреснатиот Христос. Штом слушна за тоа, цезарот, враќајќи се од еден поход, наврати во Солун, за да ја испита работата. Го повика Димитриј, кој не ја одрекуваше својата вера и дури и го убедуваше цезарот во бесмисленоста на идолопоклонството. Максимијан се разгневи и го фрли Димитриј во затвор, а по неколку дена и го погуби. Некои христијани го земаа неговото тело и чесно го погребаа. На тоа место подоцна беше подигната црквичка, а после и голема црква, која до ден денес се наоѓа во Солун. Таму се сместени и неговите мироточиви мошти.
Се верува дека вечерта пред Митровден секој треба да биде во својот дом, бидејќи ако не преспие дома, во текот на целата година ќе преноќува во други куќи.
 
Народот верува дека сите големи работи треба да се завршат до Митровден, затоа што почнува зимата. Доколку има снег за празникот, тоа значи дека ќе биде многу ладно.
 
Исто така се верува дека доколку небото на овој ден е облачно, ќе има топла зима, а ако е ведро тоа значи дека зимата ќе биде многу ладна.