Македонија
29. December 2015 - 16:40

Верушевски излегува од притвор - Катица Јанева не дава образложение

Кривичниот совет ја потврди одлуката за укинување на притворот на Зоран Верушевски. Првоосомничениот во судскиот случај „Пуч“, ќе биде пуштен во домашен притвор со кауција која е потврдена со гаранција на имотот. Судот истовремено ја прифати и забраната за напуштање на живеалиштето и привременото одземање на пасошот на Верушевски, кои како посебни мерки на претпазливост беа предложени од страна на специјалното обвинителство. Од притвор ќе биде ослободен и петоосомничениот Ѓорѓи Лазаревски.

Советот, донесе одлука со која мерката притвор за обвинетите З.В. и Ѓ.Л. се укинува, а предлогот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за прифаќање на предложената гаранција и  определување мерки за претпазливост на обвинетите, се уважува.

Одлуката на Кривичниот совет во текот на денешниот ден ќе биде експедирана до странките во постапката и затворот Скопје, се вели во писменото соопштение на Основниот суд Скопје 1.

Сепак, Верушевски најверојатно нема да го напушти затворот во Шуто Оризари во следните 3 дена, период во кој странките имаат рок да ја обжалат одлуката на Кривичниот совет, а Катастарот да ја утврди гаранцијата на неговиот имот.

Ваквата одлука следи откако специјалната обвинителка Катица Јанева без образложение во петокот потврди дека нема да бара продолжување на мерката притвор за обвинетите. Од специјалното обвинителство и натаму не одговараат на прашањата на Сител, дали Верушевски почнал да соработува со судот и обвинителството за организиран криминал и корупција и дали на Јанева и ја открил шифрата со која биле заштитени нелегално стекнатите материјали. Јанева и натаму молчи дали Верушевски и објаснил што сакал да каже кога заговарал „граѓанска војна“ во скајп разговорот со Ѓорѓи Лазаревски, ниту пак дали Верушевски и открил кој е чадорот кој требало да го заштити, за кој се разговараше во истата скајп комуникација. 

Како првоосомничен во судскиот случај „Пуч“, Зоран Верушевски се товари за сериозни кривични дела, како незаконско прислушување, шпионажа и насилство кон високи државни функционери.