Македонија
15. August 2018 - 8:29

Верниците од Бигла повеќе од 10 години се без црквa

Повеќе од 10 години жителите на делчевското село Бигла се без црква. Според кажувањата на мештаните црква постоела до 2008 година, но истата била урната, а иконите разграбани. Потоа во селото каде доминира христијанско население немало објект каде би можеле да се извршуваат верски обичаи. За тоа од кога датира првата црква во Бигла поразговаравме со Младен Ѓорѓиевски, иселеник од Бигла, кој од она што го памети неговиот дедо, вели дека е градена за време на османлиското царство.

Младен Георгиевски-Црквата, паметам како дете, стоеше во Долно маало. Во неа доаѓаа жители од селата Трстија, Турија и други околни села. Истата, како што сум запознаен од мојот прадедо, е градена за време на „турско“, па е стопирана. Турците во тоа време не давале да се гради, па потоа е градена како куќа на сиромашни семејства и оформено е црква. Пред 10 години црквата е срушена, немам информации од кои причини е урната, место да се поправи таа е урната и оставена без икони, камбанарија. Никој не знае каде се наоѓаат иконите и камбанаријата. Можеби се и продадени. Со цел да се изгради нова, во „Присачка маала“, донесен е материјал за нова, но мислам дека сосем малку е изградена, вели Ѓоргиевски. 

За тоа дека црквата била урната без  каква било причина, ни раскажа и Блаже Илиев, жител на село Бигла, кој се нафатил да почне изградба на новата црква, која ќе биде посветена на  свети Ѓорѓи.

Бчаже Илиев

- Ние имавме до сега црква, но објектот беше многу стар и наместо да го поправиме го урнаа, не знам од кои причини и така останавме без црква. Сега, бидејки немаме никаква црква, почнавме со иградба на нов црковен храм, досега се завршени околу 50 проценти од работите. Изградбата почна пред 10 години, но немаме средства и затоа сега бараме донација за да ја завршиме. Иницијативата за нејзина изградба нормално беше на самите жители, на иселениците. Формиравме црковен одбор и со сите сили трчаме, работиме, бараме спонзори да ја завршиме. Досега околу половина од објектот е изѕидан и сметаме дека оваа недела ќе завршиме. Досега средства собираме од народот, од општината и планираме до крајот на годината да подготвиме плоча и покрив, вели Илиев.

За селото Бигла да добие црква, најголема желба имаат иселениците. Еден од нив е и Миле Ѓеоргиевски, иселеник во Италија, чија животна желба е кога за време на годишниот одмор ќе си дојде во родното село, да може да влезе во новата црква која се гради и со семејството да се прекрсти и да се помоли на Бога.

Миле Георгиевски

-Ние со семејството сме од 1993 година во странство. Прво заминавме за Словенија, а од таму на печалба во Италија. Што се однесува до изградбата на црквата во село Бигла, јас сум еден од првите донатори и пак ќе донирам. Црквата е во изградба повеќе од 10 години и некако изградбата оди многу напорно. Затоа се состанавме со изведувачот, за да видиме како течат работите и колку уште средства се потребни за што побргу да добиеме црква овде во селото. Сега на 15 август во населбата Расадник во Делчево, по 15-ти пат се организираат традиционалните Расаднички средби на кои ќе присуствуваат иселеници ширум светот, а меѓу нив и оние кои потекнуваат од село Бигла. Сметам дека на тој настан може да се организираме и да дадеме малку помасовна поддршка за изградба на црквата. Ќе биде одлично ако успееме, бидејки овде поминаа над 10 години, можеби и повеќе како немаме црква. Јас како донатор пак ќе донирам, не е важно дали ќе бидат 100, 200 или 500 евра, важно е тоа што кога ќе дојдам дома во Бигла да имам каде со семејството да се прекрстам и да се помолиме на Бога, вели Ѓеорѓиевски.

И иселеникот Младен Ѓеорѓиевски ја поздравува иницијативата за изградба на новиот храм во село Бигла. Како што вели Ѓеоргиевски само на тој начин селото ќе добие свое обележје.

Бигла-почеток на градба на црква

- Сега слушам дека е почната црквата, дека постојат програми и планови за нејзина изградба. Ќе ми биде мило  овде пак да има црква, бидејки како што кажав, црква овде постоела од „турско“ време. Црквата не мора да биде кој знае колкава, но барем ќе биде симбол на селото. Се надевам дека сите заеднички ќе ја поддржиме идејата и секој во рамки на своите можности ќе помогне во нејзиното возобновување, вели иселеникот Ѓеоргиевски.

Инаку, според некои податоци во селото Бигла своевремено живееле 600 жители, а според последниот попис во 2002 во Бигла останале 274 жители. Споменатат црква која била срушена датира од 1910 година,  а нејзините икони се пренесени во црквата „Св. Богородица“ во Делчево.

Валери Спасевски/МИА